Преговорите со "Синохидро" во тек

Сугарески: Автопатот Кичево - Охрид ќе се изгради, за пропустите мора да има одговорност

Надзорниот орган го информирал јавното претпријатие дека постојат проблеми и дека раобтите не одат со она темпо со кое би требало, но проектот е многу сложен и при самото градење се јавуваат проблеми кои се решаваат, вели деканот на Градежен факултет

Мора да има одговрност за проблемите при изградба на автопатот Кичево - Охрид поради кои се зголемува неговото чинење и се пролонгира рокот за пуштање во употреба, категоричен е министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

- Мене ми е жал што за сите овие проблеми во изминатите четири-пет години откога е почната изградбата на патот се молчело и тоа ми е најмногу криво. Информациите дека дополнителните средства ќе бидат над 140 милиони евра не се точни, зашто се уште се преговара со Синохидро. Не се откажуваме од автопатот, но одговорност мора да има, зашто станува збор за пари, кои ќе се обезбедат или директно од Буџетот на државата или преку кредит. Факт е дека тој автопат мора да се изгради, исто како што мора да се изгради и автопатот Миладиновци - Штип, изјави вчера Сугарески.

Дарко Мославац, декан на Градежниот факултет во Скопје, институција која го ревидираше проектот за автопатот, вели дека Агенцијата за државни аптишта била информирана од надзорниот орган дека постојат проблеми при изградбата и дека работите не одат со предвиденото темпо.

- Тоа се проблеми кои постојат, се решаваат и сигурен сум дека автопатот ќе биде завршен во договорениот рок. Надзорниот орган го информирал јавното претпријатие дека постојат проблеми. Инаку, ние сме цело време во соработка со надзорниот орган, Градежниот институт Македонија, зашто ние сме на некој начин консултатнти на министерството. Информирано е дека постојат проблеми, дека работите не одат со она темпо со кое би требало. Тој проект е многу сложен и при самото градење се јавуваат проблеми, но тие се решаваат заедно со надзорот и со претставници на Јавното претпријатие за патишта, изјави Мославац.

Тој информира дека самиот проетк почнал да се реализира уште во 2000 година, бил сопрен, па продолжил во 2014 година. Тогаш, како што вели, со изградбата се тргнало наеднаш, со многу стари проекти.

- Сега се јавуваат проблеми, особено на автопатот Кичево-Охрид. Таму структуирата на теренот е многу сложена. Доаѓаа светски експерти од Франција за да дадат совети или да помогнат за решавање на одредени проблеми и беа зачудени од тежината на теренот, објаснува тој.

Сугарески додава дека се прават напори навреме да бидат завршени преговорите со "Синохидро", за да има и динамика на работа и на плаќање.

- Да не правиме нарушување во стопанството бидејќи очигледно со секое задоцнување и дали преку пенали и оштетни побарувања државата има штета, а исто така и компаниите кои работат, рече Сугарески.

(С.Ву.)

 

Поврзани

Најнови вести

Коментари