Намалена присилната наплата

Стравот од извршител ги тера граѓаните редовно да ги плаќаат сметките

И нотарите и извршителите информираат дека и досега им простувале на лицата кои имаат доказ дека се социјално необезбедени, а сега ќе постапат по секое барање што ќе го добијат од надлежните во еднократната акција за отпис на долговите на социјално ранливите категории граѓани

Се подобрува финансиската дисциплина на граѓаните, па се помалку долгови стигнуваат до присилна наплата, информираат извршителите. Според претседателот на Комората на извршители Зоран Петрески, токму извршувањето е една од причините за тоа.

- Бројот на предмети е помал отколку минатата година. Ако лани сме имале 170.000 барања за извршување, сега имаме 140.000. Лани имавме многу хипотеки, големи долгови на фирми кон фирми, а сега не само што е намален бројот, туку и сумите кои се побаруваат. Немаме точни податоци, зашто ќе ги сумираме кон крајот на годинава, но состојбата е таа. Најголем придонес за ова има Законот за извршување, веројатно луѓето научија дека ако не платат навреме, ќе дојде до извршување на долгот, вели Петрески.

Извршителите се уште немаат ни податоци колку решенија за присилна наплата се повлечени во еднократната акцијата за отпис на долговите во која се вклучија и тие.

Петрески информира дека секој ден добиваат по некое такво барање за отпис на долг кон банки или комунални претпријатија. Според него, со ова не се засегнати корисниците на постојана социјална помош, зашто според Законот за извршување тие и досега биле поштедени од присилната наплата.

- Кога граѓаните ќе ни приложат документ дека користат социјална помош го стопираме извршувањето. Веројатно повеќе ќе отпишуваме долгови на другите категории на граѓани за кои тоа ќе биде побарано од нас, објаснува Петрески и додава дека за најмалите долгови до 100 евра извршителите отпишуваат околу 40 евра.

Додека извршителите секојдневно имаат работа со ваквите предмети, нотарите, кои исто така се вклучија во акцијата за отпис, досега не добиле ниту еден.

Претседателката на Нотарската комора, Зорица Пулејкова вели дека тие се согласиле да го отпишат секој долг за кој ќе добијат барање од Комисијата која ги разгледува примените барања за отпис.

- Ние и досега имавме разбирање за граѓаните кои се во лоша социјална состојба. На сите кои ќе ни доставеа потврда дека се социјално необезбедени не им наплатувавме, а трошокот на нотарот кој работел на нивниот предмет се плаќаше од средствата на Комората, вели таа.

За отпис на долгови за струја, парно, радиодифузна такса, кредити, минуси на картички и кон нотари и извршители пристигнаа 42.000 барања. Првите 200 решенија за отпис беа доделени веднаш по истекот на рокот за поднесување на барањата.

Право на отпис во еднократната акција имаа примателите на социјална помош, невработените подолго од 12 месеци и лицата кои имале смртен случај или инвалидитет во семејството поради што дошле во ситуација да не можат редовно да си ги плаќаат сметките.

С.Ву.

Поврзани

Најнови вести

Коментари