И покрај Европското фудбалско првенство во Германија, домашните пивари забележаа историски низок обем на продажба на пиво минатата година.
Вкупната продажба е намалена за 1,4 отсто во споредба со 2023 година, на 8,3 милијарди литри, соопшти Федералниот завод за статистика.
Ова е нов рекорд во долгорочен пад на потрошувачката, бидејќи Германците пијат се помалку пиво.
Дури и обновениот раст на извозот не успеа да го подобри балансот. Според даночните податоци, продажбата на домашниот пазар е намалена за два отсто, а извозот е зголемен за 1,6 отсто во однос на претходната година.
Во статистиката не се вклучени безалкохолните пива, кои не се оданочуваат и со години бележат постојан раст.
Од 2014 година, продажбата е намалена за 13,7 отсто или 1,3 милијарди литри. Сега е најниското ниво од обединувањето на Германија.
Клучните причини се трендовите кон поздрав начин на живот со помалку алкохол, како и стареењето на општеството.
Германското здружение на пивари ја опиша 2024 година како „возење на тобоганот“. Додека домашната продажба на пиво растеше за 2,5 отсто до мај, пазарот неочекувано отиде во негативна територија во текот на летото.
На ова, според здружението, влијаеле „временските услови“, вклучително и врнежливите периоди во пролет и лето.
„Многу одења на пиво буквално пропаднаа, а погодени беа и настаните поврзани со Европското фудбалско првенство. Дождливиот јуни беше најлошиот месец за продажба на пиво во споредба со претходната година, со пад од 13,5 отсто.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата