logo
logo
logo

Штедачите прашуваат: Зошто обвинителството молчи за организираниот криминал во Еуростандард банка?

Vecer | 08.02.2023

Штедачите прашуваат: Зошто обвинителството молчи за организираниот криминал во Еуростандард банка?

На денешен ден пред цели две години Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција започна истрага за организираниот криминал во Еуростандард банка. Трифун Костовски и уште три одговорни лица од неговиот поранешен највисоко поставен раководен тим во Еуростандард банка се осомничени за масовниот грабеж на депозити што со години се случувал во банката. Осомничени се за предизвикување стечај на банката и за перење пари и други приноси од казниво дело. Уште минатата година се поминати ѝ законските рокови за носење одлука на обвинителството за покренување на обвинение, но од таму и понатаму молк. Зошто?, прашуваат оштетените штедачи од Еуростандард банка.
Се прашуваме зошто се молчи на јавното признание од Трифун Костовски дека свесно сторил кривично дело? Со негов потпис во 2019 година се нелегално земени три милиони евра од депозитите во Еуростандард банка и префрлени во соседната Комерцијална банка за да служат како гаранција за доделени кредити на трети правни лица, пари кои засекогаш исчезнале од сметките на депонентите во Еуростандард банка.Зошто обвинителството молчи за масовното делење неповратни кредити на некредитоспособни фирми од Еуростандард банка? Зошто обвинителството молчи, на пример, за неповратните 2,5 милиони евра дадени како кредит на некредитоспособна фирма Феро Центар во 2019 година само врз основа на обична меница, за да фирмата отиде во стечај само неколку месеци после затворање на банката без да врати ниту еден денар од кредитот? Кредит одобрен од раководниот тим на банката вклучително и од Трифун Костовски како долгогодишен претседател на надзорниот одбор на Еуростандард банка, велат тие.
За организираниот криминал во Еуростандард банка има многу докази. Се правел од внатре со години. Се делеле кредити без почитување на основни критериуми за нивно одобрување. Како да не постоела кридитна политика, ниту политики и процедури за кредитен ризик. Се делеле кредити во милионски суми без или со мали обезбедувања или пак со обични меници како единствено обезбедување. Најмногу на правни лица. И тоа е веројатно така поради фактот што правните лица имаат ограничена одговорност до капиталот со којшто располагаат. А тие не располагале со соодветен капитал и потоа фирмите ги однеле во стечај или се веќе затворени. Се разбира, парите однесени во нечии приватни, туѓи џебови кои се одамна познати на обвинителството. Како што е познато и дека се переле стотици милиони евра од Венецуела преку трансакции со нерезидентни фирми како клиенти во Еуростандард банка, но и за тоа упорно се молчи, стои во нивното соопштение. Се прашуваме чии интереси штити обвинителството? На тие што ги украле парите од Еуростандард банка или на сите оние граѓани и фирми депоненти чии лични парични средства се украдени во законски лиценцирана и контролирана банка!? И повторно прашуваме, дали молкот од обвинителството е можеби и поради можно соучество на некои познати високо поставени политичари, банкари и сопственици на фирми во грабежот на Еуростандард банка? Молкот не се прифаќа и не може да биде решение.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk