logo
logo
logo

Објавени првите придобивки од интеграцијата

ШПАРКАСЕ МАКЕДОНИЈА И ОХРИДСКА БАНКА, СПОЕНИ ВО ЕДНА БАНКА (видео)

Vecer | 20.07.2021

ШПАРКАСЕ МАКЕДОНИЈА И ОХРИДСКА БАНКА, СПОЕНИ ВО ЕДНА БАНКА (видео)

Со упис на статусната промена – присоединување, и официјално заврши процесот на присоединување на Охридска банка АД Скопје кон Шпаркасе Банка Македонија АД Скопје. Со ова, интегрираната Шпаркасе Банка Македонија АД – Скопје, станува дел од групата големи банки заземајќи ја 4-та позиција на банкарскиот пазар.

Со успешната завршница на процесот на присоединување, Шпаркасе Банка Македонија ја прошири својата клиентска база и го зголеми пазарниот удел на 13,4% во сегментот население и 15,1% во сегментот корпоративни клиенти. Уделот на банката на девизниот пазар ќе изнесува 25%. Шпаркасе е депозитарна банка на околу 50% од вкупните средства и извршува 40% од тргувањето со хартии од вредност на меѓународни пазари. Интегрираната Шпаркасе Банка Македонија, сега веќе опслужува повеќе од 140.000 клиенти во земјата, преку 35 експозитури и широка мрежа на банкомати на приближно 100 локации ширум државата.

[embed]https://youtu.be/1QoaMGEbq1w[/embed]

Со вкупна актива од 1,15 милијарди евра Шпаркасе Банка Македонија се позиционираше во рангот на големите банки на пазарот како број еден во сегментот депозитарна банка, број два во корпоративниот сегмент и број три во сегментот население, нудејќи им на своите клиенти атрактивни производи и услуги, како и експертиза што доаѓа од Ерсте Групацијата и Шпаркасе.

 Во изминатите две години бевме посветени на градење една поуспешна банка на пазарот со пошироки перспективи за понатамошен развој и креиравме одржливи вредности за нашите клиенти и акционери. Задоволен сум што го зголемивме нашето присуство во Северна Македонија за речиси трипати и станавме референтна банкарска групација во земјата. Заедно со силата на Ерсте Групацијата, наша цел е да го зголемиме нашиот придонес уште повеќе во следните неколку години. Ние го гледаме Западниот Балкан и Северна Македонија како регион со многу висок потенцијал за раст и презедовме уште еден чекор во вистинската насока што се покажа со позитивниот исход на проектот на интеграција“, изјави Георг Бухер, член на Управниот одбор на Штаермеркише Шпаркасе и претседател на Надзорниот одбор на Шпаркасе Банка Македонија.

Денес со задоволство можам да констатирам дека Охридска и Шпаркaсе банка се една банка: Шпаркасе банка Македонија. Тоа е банка во која секое трето семејство во Македонија има сметка, во која повеќе од 2/3 од присутните мултинационални компании ги вршат своите трансакции и сме водечки во проектното финансирање и во поддршката на растот и развојот на македонската економија. Ќе делуваме како финансиски супермаркет, каде што секој ќе може да ги задоволи своите потреби и да го избере она што му е најпотребно и му носи додадена вредност. Нашата посветеност да ги разбираме и да ги опслужуваме клиентите ќе биде во фокусот на нашето работење. Со уште поголем и професионален тим и поголема достапност на нашите услуги ќе продолжиме да градиме уште помодерна и помоќна Шпаркасе банка Македонија. Ќе продолжиме да бидеме банка од доверба, која е препознатлив партнер на македонските економски субјекти. Ќе останеме хумана банка, која се грижи за вработените, за клиентите, за животната средина и за општеството. Заедно ќе ги дизајнираме проектите, ќе бидеме отворени за иновативни идеи и решенија, кои ја динамизираат македонската економија. Заедно можеме повеќе!“, изјави  Глигор Бишев, главен извршен директор и претседател на УО на Шпаркасе Банка Македонија АД Скопје.

Во изминатиот период на присоединувањето, а особено сега по неговото завршување, остануваат во фокусот потребите на нашите клиенти и грижата за нивниот напредок и остварување на заедничките цели. Нашиот проширен стручен тим е достапен за поддршка и за советување на клиентите преку експозитурите на Банката, како и во корпоративниот центар за опслужување и поддршка на клиентите во централата во Скопје.

Следејќи ги современите трендови на банкарскиот модел на работење во Ерсте Групацијата и Шпаркасе, Шпаркасе Банка Македонија веќе од почетокот на годината го воведе новиот модел на експозитура, кој е направен според највисоките стандарди за безбедност и заштита при работа, со висококвалитетни материјали, кои освен со својот модерен дизајн, овозможуваат и заштеда на топлинска и на електрична енергија. Од минатата недела започна со работа експозитурата Центар во Скопје, како прва прототип експозитура со 24/7 зона во која клиентите ќе можат да ги извршат потребните банкарски услуги (плаќање редовни обврски кон Банката, плаќање режиски трошоци, вршење уплата на готовина и менувачница на странски валути). Локациите на експозитурите се распоредени во сите поголеми градови низ државата и се достапни за клиентите секој работен ден од 08:00 до 16:00 часот и во сабота на одредени локации. За полесно пронаоѓање на најблиската локација Банката овозможи уште една дополнителна функционалност „Локатор на експозитури и АТМ“ преку апликацијата „Sparky“ Viber Chatbot достапна на следниот линк.

Во сегментот население Банката веќе се издвои на пазарот со единствена најдолго гарантирана каматна стапка за потрошувачки кредит, фиксна за првите 8 години, со што нуди стабилност и финансиска извесност за своите клиенти. Водејќи се од определбата за постојано подобрување и унапредување на производите и на услугите, а со цел исполнување на очекувањата на клиентите, Банката создаде најразлични понуди, кои во периодот што следува ќе можат да ги користат сите нови и постојни клиенти.

Преку поврзаноста со другите банки-ќерки во Ерсте Групацијата и Шпаркасе, придобивките за корпоративните клиенти се видливи во повеќе аспекти, во делот на финансирање поголеми проекти од сопствени средства или од фондови за посебни програми за унапредување на конкурентноста на компаниите и нивниот развој за настап на европските пазари. Предностите што корпоративните клиенти ќе ги искусат, ќе бидат и во поглед на платниот промет во земјата и со странство преку кореспондентската банкарска мрежа на Ерсте Групацијата и Шпаркасе. Интегрираната Шпаркасе Банка Македонија ќе има значајно учество и видливост на пазарот и преку понудата на широк спектар инвестициски услуги за тргување со хартии од вредност, осигурителни, лизинг и готовински услуги.

За сите новитети и понуди на Шпаркасе Банка Македонија клиентите можат да се информираат преку веб-страницата на Банката www.sparkasse.mk, како и преку Контакт центарот на телефонскиот број 02/15 050, кој е достапен секој работен ден од 08:00 до 18:00 часот.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk