Шапуриќ: Со транспортни и царински олеснувања до поголема економска соработка во регионот

Намалување на сите видови бариери, како што се царинските и транспортните олеснувања, признавање на лиценци и сертификати и олеснување на сите останати процедури ќе придонесе до значително поголема економска соработка на земјите во регионот, истакна министерот задолжен за регулатива за подобрување инвестициска клима за домашни претпријатија Зоран Шапуриќ на Меѓународниот економски форум „Перспективи”, што се одржа во Загреб од 4-6 декември.

Тој ја истакна силната определба на македонската Влада за унапредување на економската и политичката соработка со сите земји во регионот. Исто така, тој ги презентираше мерките за економски раст на Владата и укажа дека постои огромен потенцијал за заеднички настап на трети пазари на компаниите од земјите во регионот.

Во рамките на форумот, Шапуриќ претседаваше и со една пленарна сесија, а подоцна во име на организаторот на форумот додели плакети на успешните компании од регионот, меѓу кои и на компанијата „Тиквеш“.

За време на престојот во Загреб, Шапуриќ оствари и билатерални средби со Предраг Штромар, министер за градежништво и просторно планирање во Владата на Хрватска, Жупанот на Загребачка Жупанија, Стјепан Кожиќ, државниот секретар Жељко Урлих, претседателот на ХНС Иван Врдољак, повеќе пратенци во хрватскиот парламент и други преставници на институциите на Хрватска.

Шапуриќ исто така, со Жупанот Кожиќ и други претставници на централни и локални институции во Хрватска ја отвори прва Алеа на претприемништво во индустриска зона во регионот, која се наоѓа во околината на Загреб, каде се наоѓаат производни погони на повеќе светски и хрватски познати брендови , меѓу кои и фабриката за автомобили Римац.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари