Катастар на недвижности

Секој десетти стан е ставен под хипотека

Приматот го имаат неготинчани, кои под хипотека ставиле 15,71 процент од вкупниот број станови во градот

Околу две илјади станови низ целата држава се ставени под хипотека во второто тримесечје од оваа година. Со тоа бројот на станови за кои имотниот лист го поседува некоја од банките од 104.697 во првото тримесечје до средината на годинава се искачи на 106.438.

Истовремено, станбениот фонд во државата е зголемен за околу пет илијади единици.
Според податоците од Агенцијата за катастар на дедвижности во второто тримесечје од годинава во државата имало 1.042.628 станови, од кои 106.438 биле ставени под хипотека. Со тоа, ако во првото тримесечје имало хипотеки над 10,09 проценти од станбениот фонд, во второто процентот минимално пораснал и се искачил на 10,2 проценти. Тоа значи дека секој десетти стан во државата е под залог, а според експертите хипотекарниот пазар се смета за неразвиен се додека под хипотека не е ставен секој трети стан од фондот со кој располага една држава.

Со години наназад приматот според бројот на станови под хипотека во однос на вкупниот број го држат неготинчани. Тие се на врвот на табелата и во второто тримесечје од годинава, за кога е најновата евиденција, со 16,58 проценти станови ставени под хипотека. Но Неготино има мал станбен фонд, па тој процент го сочинуваат едвај две илјади станови. На второ место е Скопје со 15,71 процент од становите под хипотека. Гледано според број, главниот град е на прво место, со вкупно 47.414 станови над кои е ставена хипотека.

На трето место е Кавадарци со хипотека над 14,23 проценти од вкупниот број станови запишани во катастарската книга. Нешто помалку, 14,16 проценти од становите се под хипотека во Гевгелија. Македонски Брод и Кратово, пак, се на крајот на табелата на Агенцијата за катастар на недвижности. Во Македонски Брод хипотека е ставена на 1,54, а во Кратово над 1,47 проценти од становите.

Инаку, македонските граѓани многу ретко се решаваат своето живеалиште да го заложат во банка за да реализираат некоја поголема инвестиција. Хипотека, во најголем број од случаите, се става на становите кои се купуваат и за нив од банка се зема станбен кредит.

(С.Ву.)

 

 

Поврзани

Најнови вести

Коментари