logo
logo
logo

Седум компании добија прекршочни казни поради мазутот

Vecer | 09.06.2021

Седум компании добија прекршочни казни поради мазутот


Кај седум компании изречени се прекршочни казни во вкупен износ од 55.510 евра. Казните се поради немање залихи во резервоарите, што е законска обврска и неправилно сметководство. Како што информираше вицепремиерот Љупчо Николовски утврдени се неправилности кај дел од компаниите увознички. Изречени се решенија за забрана за работа, забрана за пуштање во промет на мазут и покренати се барања за одземање на лиценците.

„„РКМ ДООЕЛ“ за немање на залихи и за неточно водење на сметководство. „Суперјтрејд“, исто така за немање на залихи во резервоарите, што ќе повторам е законската обврска. „Евротим“, поради немање залиха, и да потсетам истата оваа компанија има забрана за промет на мазут, поради отстапки во квалитетот. „Пертинакс-Скопје“, нема залихи на мазут. „Ли-оил ДБ Кавадарци“, нема залихи на мазут. „Блу технолоџи“, за несоодветна сметководствена евиденција, и оваа фирма како што кажав погоре има и привремена забрана за работа. „Ка-оил Енерџи Кавадарци“, нема залиха и утврдено е дека компанијата вршела трговија на мазут без лиценца од Регулаторна комисија за енергетика“, изјави министерот Бектеши.

Сите наоди како што информираше Николовски утрово се доставени до Основното јавно обвинителство за понатамошно процесирање и утврдување на евентуална кривична одговорност.

Анализите како што информираше Бектеши го покажуваат следното:

Кај компанијата „Блу Технолоџи“, е констатирано дека продава „мазут ППД“, којшто како производ не е деклариран во Правилникот за квалитет на течни горива. Поради тоа, ДПИ на компанијата и изрече Решение за привремена забрана и пуштање во промет на пронајдениот производ.

Кај правниот субјект „САНС АГ Штип“, утврдено е производство на мазут од отпадни гуми, за кој Инспекторатот за животна средина констатираше дека не ги исполнува стандардите за квалитет. За оваа компанија, изречена е забрана за работа и барање за одземање на Б интегрирана дозвола.

„ДПИ, за овие две компании достави допис до Државниот инспекторат за животна средина за покренување постапка за одземање на лиценца, поради производство на производ кој го декларираат како мазут, а не соодветствува со параметрите на мазут, што е спротивно на Правилникот за квалитет на течни горива“, кажа Бектеши.

Понатаму според анализата, кај компанијата „Евротим“,утврдени се отстапки од граничните вредности на мазутот, што оваа компанија го увезува. Односно, параметрите за квалитет на мазут не одговараат согласно Правилникот. По задолжение од ДПИ двете цистерни од кои се земени мостри се вратени кај добавувачот. Дополнително, ДПИ има земено мостра и од складиштето на компанијата „Евротим“, за што анализите ќе бидат готови во текот на денешниот ден. ДПИ на оваа компанија и изрече Решение за времена забрана за пуштање во промет на мазут.

Кај пет цистерни со мазут на компанијата „Суперјтрејд“, утврдено е отстапување од параметрите согласно Правилникот за квалитет на течни горива, во делот на поголем процент на вода од дозволеното. Петте цистерни на овој увозник, се вратени кај добавувачот. Дополнително, после неколку дена, кај оваа компанија е извршен уште еден инспекциски надзор, земени се три мостри, и утврдено е дека земените примероци се во согласност со Правилникот.

При спроведената внатрешна контрола од Царинската управа, утврдено е дека кај една компанија, тоа е „РКМ ДООЕЛ“, декларираниот производ не се совпаѓа со царинската тарифа под која е увезен. Тоа значи дека еден производ бил означен во фактурата, а сосема друг е увезен. Од страна на Царинската управа, направено е прераспределување во правилна тарифна ознака, и од фирмата „РКМ“ е наплатен царински долг, дополнителни давачки и прекршоци во износ од над 24 илјади евра. Кај сите други контролирани компании, декларираниот производ се совпаѓа со дериватот што е увезен.


makfax.com.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk