СДСМ: Со низа мерки овозможивме граѓаните да заштедат повеќе пари

ВМРО-ДПМНЕ очајно продолжува да шири лажни вести преку кои продолжува да глуми загриженост за граѓаните, стои во соопштението на владејачката СДСМ, испратено како реакција на пресот на пратеникот, Драган Данев.

„Не е точно дека зголемувањето на акцизата за нафтата влијае на покачување на цените на мало. Сите енергенси во вкупната цена на производите учествуваат со 10 проценти, а акцизата е зголемена само за мал дел од тие 10 проценти, што е незначително за вкупната цена“, се наведува во партиското соопштение.

Од СДСМ истакнуваат дека залудни се обидите на опозициската партија преку лажни вести да ја манипулира јавноста.

„Граѓаните ги чувствуваат придобивките од успешните економски политики на Владата предводена од СДСМ. Растот на минималната и просечната плата, зголемените пензии и субвенции за земјоделците, намалувањето на трошоците преку укинување на радиодифузната такса и воведувањето евтина тарифа на струјата се мерки што обезбедуваат повеќе пари назад кај граѓаните“, велат од партијата.

Додаваат дека за разлика од расипничкото владеење на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ преку Владата што ја предводи, преку домаќинското, успешно и одговорно работење, создава услови за интензивирање на економскиот раст, а тоа, како што велат, е потврдено и преку бројни економски параметри, како и преку извештаите на реномирани меѓународни економски институции.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари