Скопје домаќин на најголемото бизнис случување во регионот

САМИТ100: Со проектот Едисон, Балканот ќе се поврзува со електрифицирани автопатишта

Алкалоид, односно Живко Мукаетов, генерален директор на Алкалоид, и програмскиот директор на САМИТ100 ќе биде домаќин на САМИТ100 за бизнис лидери од Југоисточна Европа каде ќе се разговара и за електрификација на патната инфраструктура во должина од 2.400 км, за енергетиката, туризмот...

Проектот Едисон кој опфаќа електрификација на автопатиштата во регионот за да се стимулира употребата на електрични автомобили, ќе биде главна тема на САМИТ100 што ќе се одржи во Скопје на 16-ти и 17-ти овој месец. Средствата за реализација на овој проект ќе бидат обезбедени од ЕУ, а деталите ќе бидат соопштени од еврокомесарката за транспорт, Виолета Булц.

Истовремено, планирано е да се воведе електрификација на патната инфраструктура во должина од 2.400 км, што ги поврзува сите поголеми градови од регионот. Овој регионален проект и неговата платформа е настаната во Словенија 2015 година.

На самитот, кој е уникатен бизнис-настан, ќе се разговара за развојните потенцијали и поврзувањето на регионот како целина во разни економски области како енергетиката, туризмот, образованието...
Македонија и фармацевтската компанија Алкалоид два дена ќе бидат домаќини на повеќе од сто реномирани бизнис-лидери и највисоки политички претставници од Југоисточна Европа, при што најавено е присуство на пет премиери од регионот меѓу кои и Зоран Заев и претседателот на РМ, Ѓорѓе Иванов.

Воведно обраќање на САМИТ100 ќе има Живко Мукаетов, генерален директор на Алкалоид, и програмскиот директор на САМИТ100, каде ќе зборува за отворената можност за вистинска поврзаност и искористување на заедничкиот потенцијал на земјите од регионот. Ќе биде одржан и панел со премиерите на земјите од регионот, а потврдено е присуство на премиерот на Македонија, Албанија, Црна Гора, Косово и Хрватска, а се очекува потврда и од БиХ.

- Како претседател на Управниот одбор, но и како директор на компанија која работи регионално и меѓународно, свесен сум за силата и значењето на заедничкиот настап и поврзаноста на нашите земји. Имено, гледано во светски рамки нашите пазари се мали, но обединувајќи ги интересите и капацитетите во заеднички настап можеме да бидеме сериозно меѓународно конкурентни и истовремено да го свртиме вниманието на глобалниот бизнис кон инвестицискиот потенцијал на земјите од Западен Балкан, Хрватска и Словенија. Како домаќин на овогодишниот САМИТ100, навистина ми е драго што енергијата е препознаена од голем број бизнис и политички лидери кои ги очекуваме во следните денови во Скопје - смета Мукаетов.

Според програмскиот директор на САМИТ100 и Партнер во Алба Партнери, Јелена Радуловиќ, САМИТ100 ќе се одржи по шести пат, а во Скопје очекуваме да продолжиме да го надградиме нашиот модел и САМИТ100 ќе стане уште посилна платформа.

-На самитот дополнително ќе ги конкретизираме нашите идеи и по првпат во историјата на САМИТ100 ќе ги им ги претставиме на премиерите, со цел да направиме поширок фронт за унапредување на соработката во регионот - потенцира Радуловиќ и дополни дека програмата на САМИТ100 е поделена во два дена.

Како резултат на оваа иницијатива се реализира проектот Феникс преку кој градежни фирми настапуваат заеднички на пазарите во арапскиот свет и во Русија.

На денот на отворањето учесниците ќе имаат можност да дискутираат за важноста од поврзувањето на регионот, развојот на зелената мобилност како можност за брз раст, слободното движење на стоките и услугите и како локалните идеи можат да достигнат глобален успех. Вториот ден, учесниците на САМИТ100 ќе бидат ангажирани во 5 креативни работилници посветени на енергетиката, економијата базирана на знаење, брендирање на производите од секторот храна и пијалаци, како и дигиталната економија и туризам.

Предвиден е и политички панел на премиерите од регионот на кој ќе им бидат претставени заклучоците од креативните работилници, а политичките лидери пред присутните ќе го дадат својот осврт на "Новиот договор за новото доба" во согласност со слоганот на САМИТ100.

Еден од главните говорници е и еврокомесарката за транспорт Виолета Булц на која ќе се придружат реномирани бизнис лидери, претставници на водечките компании од регионот, како Хидрија, АСА Груп, Атлас Фондација, Атлантик Група, Горење, БМВ, Подравка, Филип Морис, ББИ, Убер, Бамби и многу други, но и претставници од меѓународни финансиски институции како Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ), Европската инвестициона банка (ЕИБ), Светската банка и многу други претставници од бизнис секторот.

(В.Ма.)

 

Поврзани

Најнови вести

Коментари