logo
logo
logo

Руската нафта сепак пристигнува во Европа

Vecer | 23.03.2023

Руската нафта сепак пристигнува во Европа

Зависноста од руската нафта и гас сега е минато, тврди претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен. Украинските власти и енергетските бизнисмени велат, сепак, дека големи количества руски енергенси, особено нафта, продолжуваат да течат во Европа и ја финансираат воената машина на Путин.

Посредниците купуваат руска сурова нафта и ја транспортираат преку заобиколен пат до Европа, каде што нивната задна врата е широко отворена, пишува Политико.

„Еден пријател од Њујорк ми се пожали дека бубашвабите секогаш наоѓаат дупка за да влезат во неговиот стан - токму тоа го прави Русија со своите извори на енергија“, изјави за порталот Олег Устенко, економски советник на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

„Европа мора да ги затвори тие дупки и да ѝ оневозможи на Русија да користи крвави пари за да ја финансира својата воена машина што ја уништува нашата земја и го убива нашиот народ“, забележува Устенко.

Суровата нафта го наоѓа својот пат

Суровата нафта секогаш го наоѓа својот пат до глобалниот пазар. Нафтата лесно може да се меша со други пратки во транзитните земји, со што се создаваат пратки за кои е особено тешко да се одреди земјата на потекло. Процесот на рафинирање е неопходен за секоја практична примена и овој процес ги отстранува трагите од примарните суровини.

Од друга страна, бродовите пловат под различни знамиња и воопшто не придонесуваат за транспарентност: некои испраќачи се обвинети дека и помагале на Русија на различни начини да ја скрие земјата на потекло на извезените суровини.

„За разлика од пазарот на гас, пазарот на нафта е глобален. Размените, компензациите, комбинираните начини на плаќање се вообичаена практика“, вели Михаил Ходорковски, истакнат критичар на режимот на Путин, кој денес живее во егзил, а се додека не падна во немилост на Путин беше шеф на нафтениот и гасниот гигант Јукос.

„Резултатот од ембаргото е дека трошоците за транспорт на руската енергија значително се зголемија, има голема прераспределба на приходот во корист на посредниците, а понекогаш се даваат попусти доколку се намали бројот на клиенти“.

Обиколници

Европската унија во голема мера го забрани увозот на руски фосилни горива од руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, со одредени исклучоци: ограничени количини сурова нафта, гас и течен природен гас (ЛНГ) и нафтени производи.

Сепак, големи количини на руска сурова нафта - многу поголем извор на приходи од бизнисот со гас - сè уште се испорачуваат на светските пазари, а некои експерти веруваат дека овие количини влегуваат во Европа преку задната врата.

„Од воведувањето на санкциите, количините на сурова нафта што ги извезува Русија се главно стабилни“, вели Саад Рахим, главен економист за трговската компанија Трафигура. „Можно е руската нафта да продолжи да се продава во ЕУ и во Западните земји преку препродавачи (посредници).“ .

Една од потенцијалните рути е Азербејџан, кој граничи со Русија и е почетна точка на нафтоводот Баку-Тбилиси-Џејхан (БТЦ) со кој управува БП.

Пристаништето Џејхан во Турција е главен центар од кој се испорачува сурова нафта во Европа; големи количини нафта од Ирак се влеваат во Џејхан преку гасоводот Киркук-Џејхан.

 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk