logo
logo
logo

Русите објавија: САНКЦИИТЕ ДЕЛУВААТ

Vecer | 04.02.2023

Русите објавија: САНКЦИИТЕ ДЕЛУВААТ

Месечните приходи во рускиот буџет од нафта и гас паднаа во јануари на најниско ниво од август 2020 година поради воведувањето на западните санкции за рускиот извоз.

Ова го соопшти руското Министерство за финансии.

Месечните приходи од даноци и давачки за продажба на енергија се намалија за 46 отсто за една година, како одраз на фактот дека просечната месечна цена на руската нафта од Урал падна за 42 отсто, додека цената на референтниот тип Брент беше речиси непроменета, пренесува Ројтерс. 

Москва се потпира на заработка од повеќе милијарди долари од продажбата на нафта и гас за да ги финансира буџетските трошоци и беше принудена да почне да ги продава меѓународните резерви за да го покрие недостигот од заработката од нафтата.

Во соопштението на Министерството се наведува и дека буџетските приходи од енергетски производи се намалени за 5,4 отсто во однос на декемвриската заработка од 931,5 милијарди рубљи, односно 13,2 милијарди долари, иако овие приходи се зголемени со еднократна исплата од Гаспром, која, како што наведува Ројтерс. има монопол на извозот на гас.

Министерството соопшти дека наскоро ќе ја зголеми тројно дневната продажба на девизи во вредност од 8,9 милијарди рубљи, или 130 милиони долари дневно, во текот на следниот месец за да се компензира за падот на приходите од нафта и гас.

Ројтерс наведува дека пред војната во Украина, Западот бил најпрофитабилен пазар за руската нафта, а по почетокот на војната, со воведувањето на невидени санкции, ги таргетирал приходите од руската нафта и гас.

Брисел бара ограничувања за запирање на 90 отсто од извозот на руска нафта во Европската унија, а земјите-членки го намалија уделот на рускиот гас во нивниот увоз од повеќе од 40 отсто на помалку од 15 отсто откако Русија ја започна војната со Украина.

Меѓународните ограничувања, вклучително и плафонот за цена од 60 долари за барел наметнат од групата Г7, значеа дека руската сурова нафта од Урал, која претходно се тргуваше по слична цена како Брент, сега се продава по далеку пониски цени, пишува Ројтерс.

Министерството објави дека просечната цена на руската нафта за барел изнесува 19,48 долари, што е за околу 42 отсто помалку отколку во јануари 2022 година.

На овој ден нафтата Брент се тргува за околу 82 долари, а Урал за околу 53,60 долари, се вели во соопштението.

Минатата година руската влада од продажба на нафта и гас заработи 11,6 милијарди рубљи или 165 милијарди долари.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk