logo
logo
logo

Стопанската комора за енергетика собира потписи

Се подготвува РЕФЕРЕНДУМ за враќање на електродистрибутивната мрежа од ЕВН во ДРЖАВНА СОПСТВЕНОСТ

Vecer | 29.11.2022

Се подготвува РЕФЕРЕНДУМ за враќање на електродистрибутивната мрежа од ЕВН во ДРЖАВНА СОПСТВЕНОСТ

Стопанската комора за енергетика на Македонија иницира референдум за враќање на електродистрибутивната мрежа во државна сопственост, информира претседателот на Комората Ѓорѓи Манасков на Петтата меѓународна конференција за енергетика што денеска се одржува во Скопје на тема: „Независна стабилна енергија во Македонија“.

Веќе, како што кажа, е поднесена инцијатива до Државната изборна комисија и се собрани неопходните 100 потписи, а се очекува на 1 декември иницијативата да биде доставена до Собранието од каде треба да се добие дозвола за собирање на 150 илјади потписи за укинување на Законот за приватизирање на електродистрибутивната мрежа од 2004 година со кој електродистрибутивниот систем и беше продаден на приватната австриска компанија ЕВН. Од Собранието, како што кажа, ќе бараат поништување на Законот од 2004 година и со тоа на државата по автоматизам да и се врати електродистрибутивната мрежа.

-За да се реализира независна и стабилна енергија во Македонија најбитно е да се решат трите најголеми проблеми кои ги имаме во моментов. За да излезе Македонија од енергетската криза мора прво да си ја вратиме во државна сопственост електродистрибутивната мрежа заради финансиите кои изнесуваат речиси 500 милиони евра годишно и одат надвор од државата. Со тие средства би можеле да изградиме наш Чебрен и Галиште и наши хидроцентрали со кои ќе можеме да ја балансираме енергијата. Тоа е многу битно бидејќи во моментов се градат бројни фотоволтаични електрани, изјави Манасков пред почетокот на конференцијата.

Тој нагласи дека вториот проблем е инвестирањето во нови видови на енергија како што се е-централи, односно безжични електрични централи.

-Кога би ја имале електродистрибутивната мрежа под сопствена капа би можеле да имаме безжични трансформатори и да има такви приемници со кои би се прилагодиле на новитетите од иднината, рече Манасков.

Третиот проблем, како што кажа, е секој што сака да гради фотоволтаици да може да гради со онолкава моќ колку што му треба без разлика дали станува збор за домаќинство или производствен капацитет.

-Малку е да се ограничи капацитетот на фотоволтаиците на 6 киловати за домаќинство и 40 киловати за производствен капацитет. Треба да се направи поголем опсег и секој да си изгради колку што му е потребно и без многу проблеми со дозволи од општини. Тоа е така зашто треба да имаме што поевтина електрична енергија за да имаме поконкурентно производство и да можеме да извезуваме надвор по многу пониски цени од сегашните, потенцира Манасков.

Нагласи дека во моментов увезуваме многу електрична енергија и додаде дека е неопходно да се формира Министерство за енергетика за, како што рече, да се стави крај во безредието.

-Нашата цел е да станеме енергетски независна држава. Моменталните капацитети се мали. Термоцентралите треба да се префрлат на гас за да можат и понатаму да функционираат, треба да почнат да се градат хидроцентрали за да може да се балансира електричната енергија од фотоволтаиците, посочи Манасков.

Не очекува од 1 декември да се намалат цените на основните прехранбени производи заради субвенционираната струја од 80 евра за мегават час што им ја понуди државата на некои од компаниите од прехранбениот сектор.

-Мислам дека ќе треба да почекаме малку повеќе. Убаво е доколку се субвенционира, но таа цена што ја кажуваат мислам дека не им е добро пресметана. Се уште не паднал првиот снег, а со самото тоа на берза ќе почне да расте цената на електричната енергија. Тогаш ќе мора да трошиме повеќе струја од сега што трошиме и всушност ќе мора да почнеме да увезуваме, а штом ќе увезуваме некој ќе мора да ја плати таа електрична енергија, а токму граѓаните и компаниите се тие кои што плаќаат, рече Манасков во одговор на новинарско прашање.

Затоа, додаде, неопходно е да се издвои буџет за субвенционирање во кој ќе биде предвидено како тоа треба да се спроведе. Од нас, посочи, никогаш не побарале помош ниту поддршка.

Фото: Принтскрин

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk