logo
logo
logo

Раст на инфлацијата во Македонија!

Vecer | 11.05.2021

Раст на инфлацијата во Македонија!

Народната банка во најновите макроекономски прогнози што ги презентираше денес предвиде инфлација од 2,2 отсто годинава, што е значајно зголемување во однос на октомври минатата година кога нејзината процена беше 1,5 отсто.

Само во април годинава цените се зголемиле за 2,7 отсто на годишно ниво, малку под очекувањата на централнта банка кои биле 2,8 отсто.

Животот на граѓаните годинава ќе биде поскап. Цените на храната и енергенсите уште ќе одат нагоре. Народната банка ја ревидираше проекцијата и наместо 1,5 проценти како што предвиде во октомври, инфлацијата годинава ќе биде 2,2 проценти.

Гувернерката Бежоска смирува дека растот ќе биде привремен. Вели будно ја следат состојбата, а Централната банка има доволно инстументи да интервенира.

„Ценовната стабилност е примарна цел, основна цел на централната банка. И секако дека на располагање имаме голем инструментариум кој што ќе го користиме соодветно за да се задржи инфлацијата на умерено ниво бидејќи сметаме дека тоа е клучниот придонес кој што може да го даде централната банка за економскиот раст“, изјави денес гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска Бежоска на прес конференцијата посветена на најновите макроекономски прогнози.

Од Народна банка велат дека инфлацијата годинава нема да отстапува многу од повеќегодишниот просек кој за нашата земја е околу два отсто годишно. Односно, оваа година се очекува просечен ценовен раст од 2,2 отсто, а за наредната два отсто.

„Ако зборуваме кои компоненти би притискале за овој ценовен раст, секако тука влегува храната. Тоа е една од најглавните компоненти и е во линија со очекуваниот раст на цените на храната на светските берзи, а ние сме нето увозник на храна. Втората компонента е енергијата, каде што се очекува голем раст на цените на енергенсите, а особено на нафтата. Ако ја гледаме, пак, структурата на инфлацискиот индекс кај нас, со што се состои тој, ќе се види дека на храната и на енергијата отпаѓаат околу 50 проценти. Значи, промените во овие два сегменти значајно можат да влијаат на ценовната динамика“, истакна гувернерката Ангеловска Бежоска, одговарајќи на новинарско прашање.

Економијата нема да закрепне годинава – БДП ќе порасне за 3,9 проценти – а економијата ќе се врати на предкризното ниво во 2022 година.

Очекувањата се дека ќе го движи домашната побарувачка, додека нето-извозот ќе биде во негатива.

Но, според алтернативното сценарио  на централната банка, доколку пандемијата продолжи се очекува пад на странската побарувачка, странските директни инвестиции и повторно пак дознаките од нашите иселеници.

Тоа ќе го намали БДП за 1 процентен поен, и според песимистичкото сценарио годинава би ја завршиле со 2,9 проценти раст.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk