logo
logo
logo

Прилепското стопанство бара итна помош за скапата струја

Vecer | 03.10.2022

Прилепското стопанство бара итна помош за скапата струја

Прилепското стопанство чека државна помош и субвенции за струјата, зашто со моменталната состојба, а допрва е зимата, ситуацијата станува неиздржлива. Најавата за да се плаќа по 250 евра мегават час, а разликата во повисоката цена да ја субвенционира државата, многу би помогнало, велат стопанствениците. Филип Велски, директор на текстилната индустрија „Комфи Ангел“, вели дека товарот е паднат на компаниите и мора да се најде решение за фирмите да се ослободат од притисокот.
-Ситуацијата е реално тешка, трошоците се зголемени за повеќе од 500 проценти, сметките се екстремно високи, веќе знаете, товарот е паднат на компаниите. Моментално со повеќе напори ја преживуваме кризата, мора да се најде решение, да се ослободат фирмите од тој притисок. Можеби нема да го намалиме бројот на вработени, но сигурно, ако остане вака, ќе се укинуваат смени, нема да се работи во саботите. Најавата од 250 евра за мегават, а разликата да ја субвенционира државата доста ќе помогне. Чекаме да видиме дали тоа ќе се реализира и што понатаму, зашто допрва не чека зимскиот период, изјави Велески.
Жарко Качаков, директор за развој во ПИ „Витаминка“ вели дека од 1 октомври договорите со снабдувачите се според цените на берзите, а таму цените се четири пати повисоки. Ваквата ситуацијата може да ги натера на кредити, но нема гаранција дека состојбата по два-три месеца ќе се нормализира.
– Тоа нѐ загрижува. Многу фирми не може да ги издржат во редовното работење, без да ги покачат цените на производите. А што се однесува до најавата за 250 евра од мегават, не знам дали ќе се реализира како мерка, но сепак би помогнала. Иако е двојно повеќе од она што плаќавме, но би помогнала. Преземаме чекори за сопствено производство, до крајот на годината ќе стигнеме до производство од 2,3 мегавати, но тоа покрива 30 отсто од трошоците. Праќаме апели, прашања, преку стопанската комора, да ни излезе владата во пресрет, ако сакаме фирмите да работат и да опстојат. Ако продолжи ситуацијата вака, буквално не би знаеле како да се однесуваме. Ако знаеме дека ситуацијата трае два-три месеци, да не дојдеме до ситуација да земаме кредит за да платиме трошоци за струјата, смета Качаков.
Сашо Самарџиоски, потпретседател на Регионалната стопанска комора – Прилеп заклучува излезот не може да се најде без државна помош, зашто ниту едно стопанство, па и прилепското, кое е кревко, не може да издржи да биде оставено само на себе. Може да дојде до хаварија.
-Би помогнала мерка да се фиксира цената на 250 евра, а разликата да се субвенционира. Би помогнало да нема загуби. Изложени сме на отворен пазар за струјата. Се случува на берзата навечер да стигне и до 800-900 евра. Ниту една економија, ниту, пак, македонската, а и прилепското стопанство, не може да издржи со таква цена на струјата. Околу 2000 големи компании во земјава сме на отворен пазар и го носат најголемиот товар и чекаме да добиеме информации со какви мерки ќе излезе Владата да му помогне на стопанството. Ако компаниите останат препуштени сами на себе, на отворен пазар, а цените просечно се од 500 до 600 евра по мегават, дневно, ситуацијата е премногу сериозна и може да се случи колапс. Може да се случи голем број компании од регионот да го прекинат производството, смета Самарџиоски.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk