Правилниците од планот за економски раст на владина седница

На седницата на Владата што ќе се одржи денеска, меѓу другите точки на дневен ред, ќе се најде и Информација за Правилниците за мерките од Планот за економски раст на Владата – столб 3, соопшти владината прес-служба.

Донесувањето на овие правилници на предлог на Фондот за иновации и технолошки развој, е поврзано со реализацијата на Среднорочна програма за работа на Фондот за иновации и технолошки развој за финансиска поддршка на микро, мали и средни претпријатија за 2018-2020 година. Од Владата велат дека со овие правилници ќе се овозможи и почеток на имплементација на мерките од третиот столб од Планот за економски раст на Владата, односно се создаваат услови за започнување на постапката за доделување на финансиската поддршка на микро, мали и средни претпријатија.

На оваа седница на владата ќе биде разгледана и информацијата за Правилник за општите и посебните барања за безбедност на храната во однос на максимално дозволените нивоа на резидуи од пестициди во или врз храната и храната за животни од растително и од животинско потекло. Владата на РМ на оваа своја 64 редовна седница ќе го разгледа и конечниот извештај за извршена ревизија на успешност, односно ефективност на единиците на локална самоуправа во годишното планирање и реализација на годишниот план за јавни набавки.

На предлог на Канцеларија на претседателот на Владата на оваа седница ќе се разгледа Предлог-иницијативата за формирање „Национално координативно тело за изедначување на правата на лицата со попреченост во Република Македонија“ при Владата на Република Македонија.

Министрите во владата на оваа седница ќе ја разгледаат и информацијата за потребата од подготовка на Детална длабинска анализа на компании во државна сопственост.

На предлог на Министерството за образование и наука на оваа седница ќе биде ставен на разгледување Предлог-закон за поддршка на млади при купување на музички инструменти, како и информацијата за добивање на одобрение за отпочнување на постапки за јавна набавка за склучување на повеќегодишни договори за изградба и надзор над изградба на ново училиште во место викано Љубош во општина Студеничани.

Министерството за здравство за оваа седница ги  подготви информацијата, со акциски план, за Проектот Реконструкција на ЈЗУ Општа болница – Струмица“, како и информацијата, со акциски план, за Проектот за изградба на Регионална клиничка болница Штип.

На 64-тата седница на Владата ќе биде разгледана и информацијата за донесување на Национален акциски план 2018-2020 за спроведување на Стратегијата за родова еднаквост 2013-2020, на предлог на Министерство за труд и социјална политика, како и информацијата за постапување по предметите за помилување во 2017 година, што ја подготви Министерството за правда.

На 64-тата седница на Владата на РМ, која треба да почне во 12:00 часот, ќе бидат разгледани и повеќе други точки од планот за работа на владата и од интерес на граѓаните.

 

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари