logo
logo
logo

Потрошувачката клима НИКОГАШ НЕ БИЛА ПОЛОША од 1991 година

Vecer | 01.10.2022

Потрошувачката клима НИКОГАШ НЕ БИЛА ПОЛОША од 1991 година

Расположението меѓу германските потрошувачи одамна не било толку лошо.

Луѓето се загрижени поради високите цени на енергијата и галопирачката инфлација.

Негативен тренд има и на берзата

Енергетската криза и инфлацијата во Германија влијаат на расположението на потрошувачите. А моментално е на рекордно ниско ниво.

Барометарот на институтот за истражување на јавното мислење GfK од Нирнберг веќе сигнализира изненадувачки силен пад од 5,7 процентни поени на -42,5 поени за октомври.

Индексот падна четврти пат по ред и моментално е на најниско ниво од почетокот на мерењето на расположението на потрошувачите во обединета Германија во 1991 година, објави GfK.

Многу германски домаќинства сега треба да одвојат значително повеќе пари за енергија, односно треба да издвојат пари за покривање на значителното зголемување на трошоците за греење во зимската сезона.

„Ова значи дека луѓето треба да штедат на други трошоци, на пример за нови набавки“, вели експертот за однесување на потрошувачите на GfK, Ролф Биркл.

„Тоа е причината зошто климата на потрошувачите падна на ново рекордно ниско ниво“.

Сегашната многу висока стапка на инфлација од 10 проценти е одговорна за значителен пад на реалните приходи, а со тоа и на куповната моќ на германските потрошувачи.

„Со оглед на тоа што во овој момент не е можно да се предвиди кога инфлацијата би можела позначително да се намали, може да се очекува дека во наредните месеци ќе дојдат тешки времиња во однос на потрошувачката клима“, очекува Биркл.

Здружението на германски трговци на мало (HDE) предупредува дека малопродажбата е веќе во тешка ситуација:

„Клиентите купуваат помали или поевтини работи, а во исто време и цените на енергијата експлодираа за нашите компании“, рече директорот на HDE, Стефан Гент.

„Во оваа ситуација имаме остра пазарна конкуренција, рецептот со кој поскапувањата едноставно се пренесуваат на нашите клиенти не функционира.“

И затоа, додава тој, германската влада мора итно да ги прилагоди своите програми за помош на компаниите кои се преоптоварени со трошоците за енергија - така што и трговците на мало да добиваат соодветна поддршка.

Нема промена на повидок

Постои голема количина на неизвесност до кога ќе трае енергетската криза, односно колку сè на крајот ќе поскапи, вели Јерг Којнер, главен економист на компанијата „Унион инвестмент“.

Како што обично се случува во неизвесно време, потрошувачите сега ги активираат „рефлексните заштеди“, додава Којнер:

„Потрошувачката ќе доживее тешки времиња во следниот зимски семестар, дури и ако температурите се над просекот, со што ќе се избегне недостиг на гас“.

На ист став е и Александар Кригер од приватната банка „Hauk Aufheuser Lampe“:

„Гледањето во сопствениот паричник само дополнително го зголеми очајот на потрошувачите. Проблемот е што воопшто нема светлина на крајот од тунелот. Неодлучноста на владата во однос на брзото олеснување на граѓаните е сè потешко да се разбере“, критикува Кригер, „а германските потрошувачи сметаат на рецесија“.

Институтот за макроекономија и конјуктурни истражувања (IMK) на фондацијата Ханс Беклер предвидува значителен пад на приватната потрошувачка во 2023 година.

Поради високата инфлација, расходите на домаќинствата треба да се намалат за 2,5 отсто - последен пат вакво големо намалување е забележано во 2020 година, односно првата година од пандемијата на корона вирусот.

А водечките економски институти проценуваат дека Германија нема да може да ја избегне рецесијата во текот на претстојната зима.

Поради енергетската криза економските активности забавуваат и се очекува пад на БДП, предвидуваат најважните институти кои ја советуваат и федералната влада во Берлин.

Оваа информација ја пренесува агенцијата Ројтерс, притоа повикувајќи се на неколку извори запознаени со ситуацијата.

Затоа експертите значително ги намалија прогнозите за економскиот развој од пролетта годинава.

Во 2022 година економските институти очекуваат раст на БДП од само 1,4 отсто, а за 2023 година пад на БДП од околу 0,4 отсто.

DAX во надолна траекторија

Најважниот германски берзански индекс (DAX), поради загриженоста за инфлацијата, развојот на каматните стапки и конјуктурните очекувања, е на надолна патека.

За прв пат од ноември 2020 година, водечкиот германски индекс падна под 12.000 поени, што е еден вид психолошки значајна граница на берзата.

Падна и индексот MDax, како и EuroStoxx 50, водечкиот индекс што ги собира хартиите од вредност од еврозоната.

„Ни претстои уште една страшна недела на берзата“, прогнозира економскиот аналитичар Тимо Емден.

Сепак, DAX закрепна кон средината на неделата и повторно „скокна“ на ниво над 12.000 поени.

Сè на сè, DAX изгуби три проценти од својата вредност во текот на оваа недела, а повеќе од 12 проценти во последните две недели.

Во голема мера „настрадаа“ акциите на банкарскиот сектор, хартиите на Дојче банк забележаа минус од над седум отсто.

Уште полошо е кога се во прашање челичарниците.

Причината за ова е студија на американскиот банка „ЈПМорган“, која многу песимистички го прогнозира бизнисот во тој економски сектор, односно профитабилноста на тој сектор.

Акциите на германскиот ThyssenKrupp загубија 11,4 отсто од вредноста, а концернот Салцгитер се соочи со пад на хартиите од вредност од речиси 14 отсто.

Фото: Шутер

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk