Американскиот инвеститор и милијардер Ворен Бафет во саботата изјави дека Apple Inc е подобар бизнис од кој било друг во портфолиото на Berkshire Hathaway.
„Apple е различен од другите компании што ги поседуваме. Едноставно е подобар бизнис“, рече Бафет за време на годишниот состанок на Беркшир во Омаха, Небраска.
Беркшир откри удел од 1 милијарда долари во Apple во мај 2016 година и го зголеми тој удел на 151 милијарда долари до март 2023 година, што претставува 46 отсто од неговото портфолио на акции од 328 милијарди долари, пишува SEEbiz.
Бафет долго време го фалеше извршниот директор на Apple, Тим Кук и гледаше на Apple помалку како технолошка компанија, а повеќе како компанија за производи за широка потрошувачка со доминантен производ, iPhone, кој луѓето го сакаат.
Беркшир неодамна имаше удел од 5,6 отсто во Apple, а Бафет рече дека можеби ќе купи повеќе.