Општината ќе мери од врата до врата дали обложувалници и казина се најмалку 500 од градинки и училишта

Новиот предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за игри на среќа, кој влезе во собраниска процедура, меѓу другото, предвидува казината и обложувалниците каде што се приредуваат игри на среќа, задолжително да бидат оддалечени најмалку 500 метри од факултети, универзитети, институти, библиотеки, детски градинки, домови за згрижување деца без родители и сл.

Оддалеченоста на просторијата до објектот каде се одржуваат игри на среќа се утврдува од границата на градежната парцела на која е изграден објектот (која е најблиску до деловната просторија) и влезот на деловната просторија во која се приредуваат игрите на среќа како најкратката хоризонтална оддалеченост, односно воздушна линија.

Потврда за оддалеченоста на просторијата до најблискиот објект каде се одржуваат игри на среќа издава општината на чија територија се наоѓа деловната просторија, во рок од 15 дена од денот на поднесување на барањето.

Со законските измени се врши промена на висината на средствата кои се издвојуваат од буџетот за финансирање на спортот, а кои се собираат како резултат на уплатите на приредуваите на игрите на среќа. Се регулира и должноста на Владата да го информира Собранието за висината на собраните средства по основ на уплати од приредувачи на игри на среќа и на кој начин тие средства се користат.

Овие измени се поставени како точка на собраниската седница на 29 август, следната недела во прво читање. Подносители се пратениците од ДУИ, Ејуп Алими и Реџаил Исмаили.

Поврзани

Најнови вести

Коментари