ВЛАДАТА НА ПОСЛЕДНАТА СЕДНИЦА

Нови 90 милиони денари за иновации за мали и средни претпријатија

Одлуката за задолжување на домашниот пазар е донесена на предлог на Министерство за финансии заради тековните поволни услови во споредба со условите на меѓународниот пазар, и заради интересот кај инвеститорите во домашни хартии од вредност.

 Владата на Република Македонија на последната седница ја усвои одлуката за изменување на Одлуката за утврдување на максималниот износ на ново задолжување преку издавање на државни хартии од вредност на домашниот финансиски пазар за 2017 година. Одлуката за задолжување на домашниот пазар е донесена на предлог на Министерство за финансии заради тековните поволни услови во споредба со условите на меѓународниот пазар, и заради интересот кај инвеститорите во домашни хартии од вредност.

На вчерашната седница Владата, врз основа на заедничкото мислење на Министерство за информатичко општество и администрација подготвено во соработка со Министерството за финансии и Секретаријатот за законодавство, донесе предлог Уставниот суд на Република Македонија да донесе решение за запирање на постапката за оценување на уставноста на членот 175 од Законот за електронски текомуникации, усвоена на 21 јуни 2017 година.

- Согласно ова мислење членот 175 од Законот за електронски комуникации, воопшто не навлегува во постапката за следење на комуникациите, затоа што според Амандманот XIX од Уставот, само врз основа на одлука на суд, под услови и во постапка утврдена со закон, може да се отстапи од правото на неповредивост на комуникациите. Оттука, според ова мислење усвоено од Владата, Законот за следење на комуникациите може да биде предмет на оценка во однос на неговата уставност, но не и членот 175 од законот одделно, појаснуваат од владината прес-служба.

Министрите ја усвоија и информацијата во врска со статусот со четвртиот јавен повик за финансирање на проекти во рамки на два инструменти на Фондот за иновации и технолошки развој, со предлог решенија за отворени прашања. Според оваа информација, Управниот одбор на Фондот ќе објави меѓународен оглас за избор на нови членови на Комитетот за одобрување на инвестиции, и ќе ја започне постапката за повторно доставување на предлог проектите за доделување на средства согласно Законот за иновациската дејност. Со оваа одлука ќе се овозможи пласман на предвидените 90 милиони денари, кои по овој основ ќе бидат распределени на мали и средни претпријатија за одобрените иновативни решенија во нивната работа.

 Владата ја разгледа и усвои Информацијата за изготвување на Националната стратегија за индустриска сопственост 2016-2018 година и Акциониот план за спроведување на стратегијата.

Владата ја разгледа и усвои информацијата со предлог-Заклучоци за редефинирање на начинот и утврдување на критериумите за наменските и блок дотациите за општините.

Поврзани

Најнови вести

Коментари