Николовски: Со влезот во ЕУ на македонските земјоделци им се отвора пазар од 500 милиони граѓани

Во целодневна работна посета на општина Прилеп денеска престојуваше министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, при што оствари средба со градоначалникот Илија Јованоски.

Како што информираат од Општина Прилеп, на средбата се разговарало за стандардот на земјоделците и за иницијативата на Општина Прилеп и градоначалникот Јованоски за одделување средства од општинскиот буџет, со кои ќе бидат обештетени земјоделците кои претрпеа штета од невремето што во јули го зафати Прилепскиот Регион.

Градоначалникот Јованоски потенцирал дека заедно со министерот ќе остварат средби со населението од регионот погоден од невремето, а ќе ги посетат и населените места Канатларци, Мало и Големо Коњари.

„Ќе ги посетиме и Галичани и Кадини Село, каде на 23 јули се случи природна непогода при што од градот беа оштетени земјоделските култури, каде со земјоделците ќе разговараме за штетите што ги претрпеа. Како што знаете, Советот на Општина Прилеп формираше комисија која ги разгледа поднесените 1 315 пријави за оштетени култури и која записниците ги испрати до Министерството за земјоделство. За првпат од постоењето на локалната самоуправа, Општина Прилеп ќе издвои буџетски средства за обештетување на дел од штетите направени од невремето. Иако тие средства нема да ги обештат целосно, сепак во голема мера ќе придонесат за задоволување на основните потреби за подготовка на следната реколта“, изјавил Јованоски.

Министерот Николовски рекол дека тутунопроизводството е една од стратешките гранки во земјоделството, која  добива силна поддршка од Владата и која обезбедува девизен прилив од околу 100 милиони евра.

„Оваа година го воведовме концептот на субвенционирање во три нивоа, за прва класа 80 денари за килограм, за втора 70 и за трета класа 60 денари за еден килограм тутун. На тој начин, за 5 милиони евра е зголемена висината на субвенциите што ги добија тутунопроизводителите. 28 милиони евра, навремено, кога се потребни, дојдоа кај 26 000 семејства кои се занимаваат со оваа значајна земјоделска гранка. Со новиот Закон за тутун се создаваат административни олеснувања, односно се отстрануваат одредени бариери што ги имаа земјоделците при склучувањето на договори. Се укинуваат евидентните листови и се создава административен софтвер, во кој ќе се внесуваат сите податоци од страна на откупните компании. ЕУ одделува 40 отсто од својот буџет токму за секторот земјоделие и ова е еден од најзначајните сектори каде што стигнува целокупната поддршка за државите членки на ЕУ. Затоа 30 септември е многу важен за тутунопроизводителите, за земјоделците, за сите граѓани, за да го направиме овој крупен исчекор преку кој ќе дојдеме до повисоки откупни цени, до сигурен пласман, до зголемен извоз, до зголемени вработувања во целиот сектор, со влезот на Македонија на пазарот од 500 милиони граѓани, колку што изнесува пазарот на целата ЕУ. 30 септември е историската можност која граѓаните треба да ја искористат и да гласаат за европска Македонија“, истакнал Николовски.

Покрај посетата на населените места, министерот ја посетил и Подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во Прилеп.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари