Сè што некогаш го гледавме во научно-фантастичните филмови и го замислувавме како дел од некоја далечна иднина станува реалност во многу градови низ светот.
Така, покрај најавеното дрон-такси кое ќе превезува патници во Рим и Милано и автобуси без возачи, моментално во експериментална фаза е и воведувањето на роботи наместо поштари во Милано.
Тежок 50 килограми и висок околу еден метар, „Џејп“ е нов робот-поштар кој започна со експериментална работа во миланската област Казина Мерлата. Името „Џејп (Yape)“ е акроним за „Your Autonomous Pony Express“ и ќе може да носи 10 килограми пошта.
Тестот ќе трае околу една година и првите шест месеци ќе бидат само во т.н Uptown - станбена област во северозападниот дел на Милано.
На овој начин роботот ќе ги запознае улиците, што е неопходно за да може да си го најде патот доколку наиде на некакви пречки и слично.
Во експерименталната фаза ќе бидат вклучени два роботи, а целта е во рок од една година да се воведат уште осум.
Ќе бидат следени од тим од луѓе кои ќе го анализираат нивното однесување и кои ќе интервенираат во случај на некаква грешка.
По првите шест месеци, роботот ќе започне со експериментална фаза на доставување пошта.
Преку апликацијата т.е. q-ar код, корисниците ќе можат да го отворат шалтерот и на тој начин да стават пакет или писмо за испорака во роботот. Крајната цел е робот-поштарот да ја започне својата работа на сите улици на Милано.
Експерименталната фаза е можна благодарение на Одделот за дигитална трансформација на Министерството за економски развој, Министерството за инфраструктура и одржлива мобилност и општина Милано.
„Yape“ е дизајниран од млада компанија која е дел од групата „Novia“ за да е целосно безбеден за луѓето околу него - не оди брзо, има системски сензори кои му овозможуваат да гледа во опсег од 360 степени, има камера, звучник, тродимензионален ласерски скенер кој „гледа“ до 150 метри.