АД ЕСМ има стабилно производство на електрична енергија за домаќинствата и цената на струјата за домаќинствата нема да се менува, вели директорот на државната компанија за производство на струја, Васко Ковачевски. Изјавата следува откако вчера беше обелоденето дека на јавниот повик за набавка на јаглен за РЕК Битола и РЕК Осломеј се јавиле 9 економски оператори. Овие економски оператори дадоа 5 понуди за јаглен за РЕК Битола и 8 понуди за РЕК Осломеј, но за РЕК Битола понудените колични не беа доволни по што треба да има нов оглас.

Денеска Ковачевски објаснува АД ЕСМ го засилило ископот на јаглен во РЕК Битола и РЕК Осломеј заради стабилно производство на електрична енергија за домаќинставата, и го оптимизира производството во хидроелектраните, гасната и ветерната електрана.

„Компанијата во целост ги испорачува потребните количините електрична енергија кон универзалнот снабдувач за домаќинствата ЕВН Хоум. По одредени написи во дел од медиумите-уште еднаш потенцираме дека набавката на јаглен, која ја спроведуваме по препорака на Владата, а во соработка со Стопанската комора, заради високите цени на берзите во регионот и во Европа, е исклучиво за потребите на отворениот пазар, односно стопанството и институциите, со цел тие да се снабдат со електрична енергија по цени пониски од моменталните цени на берзите. Во текот на наредните денови ќе склучиме договор за набавка на јаглен за РЕК Осломеј за негова континуирана работа од декември до април 2022 година. За РЕК Битола повторно е распишан повик со цел да се добие поголема количина на јаглен, со поволна цена која ќе има економска оправданост, вели Ковачевски.

„Во прва фаза утврдено е дека за Осломеј понудите ги исполнуваат барањата за потребните количини, а понатаму во втора и трета фаза се продолжува со проценка на другите сегменти од тие понуди.

За РЕК Битола понудите не ги исполнуваат целосно количините кои се бараа, односно не се нудат доволни количини на јаглен. Од тие причини АД ЕСМ во најкус рок повторно ќе објави повик за РЕК Битола и повторно ќе бара понуди за потребните количини за овој капацитет“, рече генералниот директор на АД ЕСМ.

На повикот пристигнале понуди за јаглен од три македонски рудници, потоа од рудници од Албанија, Косово, Русија, Турција и Босна и Херцеговина.

Ковачевски нагласи дека сега следува евалуација во втора фаза, односно ќе се направи техничка, комерцијална и економска анализа, проверка на пробните количини кои треба да се достават и потоа одлука за избор.

Ковачевски вели дека истовремено, се прават координации со ТЕЦ Неготино за стартување на оваа термоелектрана, и доколку се обезбеди мазут истата ќе се стави во функција.