НА ПАЗАРИТЕ НА ПОРАНЕШНА ЈУГОСЛАВИЈА

Младиот кромид од Велешко оди како алва

Производителите на млад кромид од Велешко и годинава се офајдија. Над 250 тони млад кромид веќе е продаден, а деновиве за трпезите пред велигденските празници во Хрватска, Србија, Косово, Црна Гора и Словенија заминаа уште 300 тони од оваа земјоделска култура. Производителите на млад кромид од Башино Село, Велес, Каласлари, Ногаевци, Градско и други села годинава не само што немаат проблеми со пласманот, туку и добро заработија. Накупците и петте фирми од Струмица, Скопје и други градови, килограм млад кромид на производителите им го откупуваат по цена од 45 до 50 денари. Во споредба со лани цената е повисока за пет до десет денари за килограм. Производителите се задоволни од откупната цена.
- И годинава сме задоволни од пласманот на младиот кромид. Цената е добра. Побарувачката деновиве е поголема, бидејќи Велигден годинава во исто време го слават и православните и католиците. Гревота е ако не кажам дека заработивме како никоја година досега - вели Иле Наумовски од Башино Село.

Младиот кромид без проблеми го продаваат и земјоделците од Ногаевци, Караслари, Уланци, Градско и други. Освен на хрватскиот пазар дел од оваа градинарска култура се продаде и на пазарите во Македонија, Србија и Косово.
- Добро се продава младиот кромид, а има и добра цена. Купувачи има. Од нива ни го земаат и веднаш го транспортираат. Имав засадено млад кромид на шест декари - вели Јанко Николовски од село Ногаевци.

Производителите на млад кромид од Велешко се повеќе од задоволни од годинешниот род од пласманот и се разбира од цената. Поголем број земјоделци велат дека од младиот кромид, кој е меѓукултура, може добро да се заработи и добро да се живее. Во општините Велес и Градско под млад кромид годинава беа посадени над 60 хектари од кои се очекува да бидат собрани и продадени над 620 тони. Инаку, веднаш по продажбата на младиот кромид, на негово место земјоделците ќе почнат со расадување на другите пролетни градинарски култури.

(С.А.)


Поврзани

Најнови вести

Коментари