Антикорупционерите укажуваат

Минималецот од 12.000 денари и надоместокот за стечајците да се исплатат по изборите

Тие исплати Комисијата за спречување на корупцијата ги оценува како вонредни и со тоа спротивни на Законот за спречување на корупција и на Изборниот законик

Минималната плата од 12.000 денари и надоместокот за стечајците, кои се најавени за овој месец, треба да се исплатат дури по изборите. Ова на Владата и на државните органи им го укажа Државната комисија за спречување на корупцијата, која тие исплати ги оценува како вонредни и со тоа спротивни на Законот за спречување на корупција и на Изборниот законик.

Како што појаснуваат од антикорупциската комисија, според тие закони од денот на донесувањето на одлуката за распишување на избори до завршувањето на изборите не може да се врши никаква вонредна исплата на плати, пензии, социјална помош или други исплати од буџетски средства или средства од јавните фондови. Исто така, не смее да се отуѓува државен капитал, ниту да се потпишуваат колективни договори.

Со оглед на тоа што се смета дека изборите завршиле дури откако ќе се конституираат советите на општините и на Градот Скопје, на овие пари работниците кои имаат плата помала од 12.000 денари и стечајците, според Антикорупциска, би требало да сметаат дури од наредниот месец

- Непочитувањето на наведените одредби од Законот за спречување на корупција и Изборниот законик повлекува со себе повикување на одговорност на одговорните и раководните лица на органите на државната управа, фондовите, агенциите, дирекциите, јавните претпријатија, јавните установи, независните регулаторни тела основани од државата, трговските друштва основани од државата и други институции основани од државата, другите државни органи и други правни лица што располагаат со државен капитал, посочуваат од Комисијата за спречување на корупцијата.

(С.Ву.)

 

Поврзани

Најнови вести

Коментари