Економската состојба во Турција е стабилна

МАТТО: Македонските компании да ја продолжат соработката со турски фирми

Трговската размена со Македонија во првите пет месеци од годинава е за 21,5 отсто поголема во однос на претходната година. Ваквата соработка меѓу двете земји треба да продолжи, а Турција ги презема сите мерки во насока на зајакнување и зголемување на обемот на трговска соработка

Економската состојба во Република Турција е стабилна, македонските компании можат да ја продолжат соработката со турските фирми, а Македонците слободно да летуваат во Турција, апелираат од Стопанска комора на Македонија-Турција (МАТТО). Според МАТТО, последните политички случувања во Турција од 15 јули годинава, не ја доведоа во опасност безбедноста на туристите, а во целост се реализираат и сите договорени аранжмани.

- Владата на Турција овозможи и гарантира нормални економски движења, нормално функционирање на институциите како и стабилен монетарен и банкарски систем. Одлуката за прогласување вонредна состојба во земјата не влијаеше на економијата во Турција. Сите фабрики работат нормално, нема ограничувања при увоз и извоз на стоки. Единствено е променет курсот на турската лира во однос на американскиот долар, кој поради случувањата падна за 4 отсто, но оваа загуба е времена, истакна претседателот на МАТТО, Туна Ејуп Кахвеџи.

Тој ги охрабри македонските компании да ја продолжат трговската и друга соработка со турските партнери. Турската економија во 2015 имаше раст на БДП од четири отсто, а во првата половина од 2016 3,4 проценти. Истиот раст се очекува и во 2017 година. Растот на индустриското производство во мај 2016 споредено со ист период во 2015 е 5,6 отсто.

- Турција е една од десетте најразвиени земји во светот. Трговската размена со Македонија во првите пет месеци од годинава е за 21,5 отсто поголема во однос на претходната година. Ваквата соработка меѓу двете земји треба да продолжи, а Турција ги презема сите мерки во насока на зајакнување и зголемување на обемот на трговска соработка, вели Кахвеџи.

Економската размена на Македонија и соработката со турските компании интегрално е покриено со плаќања во евра. Девизниот курс е во фиксни рамки повеќе од 20 години и на домашниот пазар е обезбедена целосна стабилност. Согласно со актуелното ниво на лирата, во моментов е рационално да се врши плаќање во лири, како за правни така и за физички лица, велат од МАТТО.

Главен сектор кој претрпе најголеми последици од оваа состојба е туризмот. Но, туристите во Турција се безбедни, рече Кахвеџи и додаде дека Турција нуди атрактивни цени и добри понуди и затоа ги повика Македонците слободно да летуваат во Турција.

- Во Македонија нема никакви пречки за остварување на економските активности. Со Македонија имаме значителен раст на размената кој се случи по подолго време и затоа сакаме овој тренд на пораст на економската соработка да продолжи и во иднина, додаде тој.

Од МАТТО очекуваат дека времено, одлуките за странските инвестиции во Република Турција ќе бидат одложени од причина на претпазливост. Домашна потрошувачка и натаму продолжува да биде основен фактор на растот на економијата. Во 2015 година вкупната надворешно трговската размена со светот изнесуваше 351 милијарди долари, а во првиот квартал оваа година беше 81 милијарда.

Како што наведуваат од МАТТО, Македонија и регионот остануваат во фокусот на инвестицискиот и деловниот интерес на Република Турција.

Според Државниот завод за статистика на Република Македонија, во првите пет месеци од 2016 година трговската размена со Турција е 175 милиони долари што е раст од 21,5 отсто во однос на истиот период лани. Зголемување бележат и извозот, за 19,8 отсто, како и увозот, за 22 отсто.

МАТТО, со седиште во Скопје, брои 56 турски и македонски компании, како и инвестиран турски капитал во Македонија од над една милијарда долари.
А.С.

Поврзани

Најнови вести

Коментари