Средствата од иселениците важни за социјалниот развој на државата

Македонците се крепат со над 400 милиони долари од дијаспората

Тоа е околу 4 проценти од БДП, а во споредба со регионот, Македонија бележи средно ниво на примање дознаки. Највисок износ на дознаки има во Косово, додека во Србија дознаките учествуваат околу 8,5 од БДП

Македонските граѓани се крепат со парите а нивните роднини од дијаспората. Во просек семејствата од Македонија кои имаат роднини или блиски добиваат годишно околу 2.500 евра. Но, генерално, Македонија добива годишно најмалку 400 милиони долари во форма на дознаки што е околу 4 проценти од БДП.

Овие бројки се дел од добиените резултати од двегодишното истражување што беше спроведено во рамки на проектот "Миграцијата како социјална заштита: Анализа на македонски, албански и српски домаќинства што примаат дознаки#.

Анализите потврдуваат дека токму овие средства не се за занемарување и имаат голема социјална улога за домаќинствата со што индиректно влијаат и врз намалувањето на сиромаштијата. Најчесто во Македонија средствата од иселениците доаѓаат од високоразвиените земји од Европската Унија и од прекуокеанските држави,, како што се Америка и Австралија.

Според Благица Петрески од Институтот за економски истражувања и политики
смета дека дознаките ја имаат улогата на неформална социјална заштита за примателите. Таа смета дека тоа го покажува фактот дека семејствата кои примаат дознаки имаат помала веројатност да бидат сиромашни за 27 проценти.

Така препораката на истражувачкиот тим е да се изнајдат стратегии со кои овие средства би можеле соодветно да се искористат.

- Главната препорака до носителите е дознаките да бидат врамени во една политика каде што ќе може да бидат соодветно искористени и кадешто ќе ја намалат на формален начин ранливоста на примателите на дознаки - посочи Петрески.

Во споредба со регионот, Македонија бележи средно ниво на примање дознаки. Највисок износ на дознаки има во Косово, додека во Србија дознаките учествуваат околу 8,5 од БДП.

- Резултатите на нашето истражување покажуваат дека во Србија семејствата кои ги примаат овие пари главно ги користат за најосновните потреби како храна, плаќање на сметки и слични работи - објани Марко Владисављевиќ од Фондацијата за развој на економските науки од Белград.

Што се однесува за другите држави од Европа, Казахстан е држава каде што има висок процент на примање дознаки. Анализите велат дека тоа е околу 30 проценти од БДП. Ескпертите укажуваат дека и во оваа држава се уште нема изградено стратегија за соодветно искористување на овие средства.

(В.Ма.)

Поврзани

Најнови вести

Коментари