Промоција на планинската туристичка понуда

Крушево станува меѓународно познат центар за параглајдерство

Крушево град на природата, авантурата и културата на 27 јули годинава ги отвора вратите за домашните и странските туристи. Настанот насловен како "Откриј го Крушево" ќе овозможи на отворен простор да се промовира атрактивен планински туризам и тоа: летање со параглајдер и делтаплан, јавање на коњи, дегустација на крушевската храна, посета на леарницата и на старата крушевска чаршија, посета на Спомен-куќата на Тоше Проески, музика, скара ...
Овој туристички проект го подготвија Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Центарот за развој на Пелагонискиот регион и Проектот на УСАИД за експанзија на мали бизниси.
-Туризмот е најперспективниот стопански сектор и затоа Агенцијата работи постојано во таа насока, да се збогати туристичката понуда. Истовремено, ќе се развива и параглајдерството, односно летањето со делтаплани и параглајдери, со што Крушево треба да стане меѓународно познат центар за параглајдерство - изјави Александар Џамбазовски, директор на Агенцијата за туризам.

Емилија Героска, директор на Центарот за развој на Пелагонискиот регион, посочи дека Крушево е атрактивен туристички производ, место каде што има природа, култура и авантура.
-За туристите ќе се понудат пешачки патеки, јавање со коњи, како и прошетка низ 300-годишната стара крушевска корија. Ќе се понуди и дегустација на старата крушевска кујна, посета на леарницата и на старата крушевска чаршија, каде што ќе се видат старите занаети - вели Героска и додава дека од аспект на културата, ќе се прикажат познатите крушевски везови, кои допираат и до модните ревии на Версаче и на приватните колекции на Сандра Булок.
Ќе се понуди и крушевскиот локум, којшто ја крие вековната тајна рецептура, а сето тоа ќе биде зачинето со авантура, оти од Мечкин Камен ќе се лета со параглајдери, каде што ќе има специјална лотарија, така што сите среќници бесплатно ќе летаат.
-Многу луѓе од цел свет специјално доаѓаат за да летаат со параглајдер од Мечкин Камен над Пелагонија, оти тоа нуди незаборавно искуство - потенцира Героска.

За десет години сто отсто зголемен бројот на туристи
За растот на бројот на туристи Џамбазовски вели дека тој бележи развој во изминатите 10 години и имаме раст од повеќе од 100 отсто.
-Во однос на лани јануари-јули годинава имаме раст од над 13%, што ни дава храброст и енергија да продолжиме со интензивната промотивна кампања, која и досега ја работевме, но отсега поагресивно - нагласи Џамбазовски.

Според него, годинава се очекува бројот на странски туристи да надмине 450 илјади, а најбројни се посетителите од Турција, Грција, Србија, Холандија и од Бугарија. Истовремено, нови целни групи се Кина, како и Северна Америка, каде што ќе се понуди активниот туризам.
Прогнозите на Агенцијата се дека до крајот на 2014 година ќе надмине бројка од 450 илјади посетители, странски посетители.

Што се однесува на високите цени што туристичките работници им ги наплатуваат на туристите, Џамбазовски смета дека треба да се направи анализа дали цената го оправдува квалитетот.
Во моментов од туризмот приливот во Македонија е 200 милиони евра, односно неговото учество во БДП е два проценти, но се очекува до 2020 година тој да порасне на 5 проценти.

(В.Ма.)

Поврзани

Најнови вести

Коментари