logo
logo
logo

Комисија за хартии од вредност: Заради измама трајно му се одзема дозволата на „Ј.К. Морган и Велтх Менаџмент “

Vecer | 26.02.2021

Комисија за хартии од вредност: Заради измама трајно му се одзема дозволата на „Ј.К. Морган и Велтх Менаџмент “


Комисијата за хартии од вредност на итна седница поради измамнички и манипулативни дејствија донесе Решение со кое трајно му ја одзема дозволата на друштвото за инвестиционо советување Ј.К. Морган и Велтх Менаџмент ДООЕЛ Скопје, чиј управител е Виктор Мисовски, соопштија од Комисијата.

Од таму информираат дека трајно му ја одземаат дозволата за работење и на лицето Дејан Делимитов, кој е овластен инвестиционен советник во друштвото.

Објаснуваат дека управителот на друштвото Виктор Мисовски противзаконски преправал оригинална исправа и таквата исправа ја употребувал како вистинска, со што има основано сомневање дека сторил кривично дело фалсификување на исправа.

Истовремено, друштвото не ја одржувало основната главнина и потребните ликвидни средства во секое време, што е негова обврска согласно член 149 од Законот за хартии од вредност. Исто така, друштвото склучувало договори за непосредно управување со портфолио на хартии од вредност по налог и за сметка на индивидуален клиент за што нема дозвола од Комисијата, со што го прекршило член 172 од Законот за хартии од вредност и се вклучило во активности со кои ги доведувало во заблуда клиентите или пак имаат за цел нивна измама.

„Со цел да му се оневозможи на друштвото да прима нови уплати на парични средства, како и заради заштита на правата и на правните интереси на клиентите со веќе склучени договори, Комисијата за хартии од вредност донесе и Решение за замрзнување на парични средства на сметките на друштвото за инвестиционо советување Ј.К. Морган и Велтх Менаџмент ДООЕЛ Скопје во банките и во другите финансиски институции“, известуваат од Комисијата.

Од таму додаваат дека за утврдените злоупотреби извршени од Ј.К. Морган и Велтх Менаџмент ДООЕЛ Скопје, комисијата ги известила надлежните органи.


makfax.com.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk