Кој ќе биде новиот гувернер: Богов, Јовановски, Бесими, Узунов ?

Професори, актуелни банкари, екс функционери но и поранешни вицегувернери се можни кандидати за гувернерската позиција. На редакцијата на "Фактор" и се познати дел од имињата, пришто стапивме во контакт со некои од кандидатите. Дел сакаа да коментираат а дел инсистираат на анонимност. Според информациите не е исклучено дека за втор мандат ќе се бори и актуелниот гувернер, Димитар Богов.

Што велат можните кандидати ...

Познат банкар од кариера, долги години на водечки позиции во банкарскиот сектор, со искуство во монетарната политика. Важи за влијателен во банкарството, со големо искуство. Името на оваа личност е познато на "Фактор", но поради објективни, деловни причини, неговиот идентитат нема да биде соопштен. На нашето прашање, како ги коментира информациите дека се споменува како еден од најсериозните кандидати за гувернер, вели:

"Не сум во тек со изборот за гувернер, немам никакви информации, па оттука сметам дека се работи за шпекулации и ништо не сакам и не можам да коментирам".

Дел од познавачите велат дека за позицијата гувернер е потребно големо искуство и знаење и сметаат дека е голема веројатноста на чело на НБМ да застане банкар од кариера. Едно од имињата кои се лиферуваат во бизнис-банкарските кругови е и на универзитетскиот професор Ванчо Узунов. Човек од науката, со големи познавања и компетенции во економијата. Во разговор со него, кратко посочи дека нема информација поврзана со можна кандидатура за гувернер.

"Немам никаква информација, па логично е и дека не можам да го коментирам ова" - изјави професорот Узунов.

Гувернерската позиција е атрактивна но и добро платена, коментираат аналитичарите, посочувајќи дека се споменуваат имиња кои навестуваат јака конкуренција.

"Гувернерската функција е атрактивна и престижна. Во моментов се споменуваат амбицизони но и сериозни личности, се работи за интересна позиција" - вака дел од аналитичарите ги коментираат имињата што се споменуваат како можни кандидати.

Едно од нив е и на Зоран Јовановски, поранешен вицегувернер, сега човек од банкарскиот сектор, која важи за компетентен, со искуство во монетраната политика.

"Процедурата за избор на гувернер е јасно дефинирана, точно се знае кој го предлага а кој го гласа гувернерот. И оваа процедура треба да се респектира со оглед на значењето и улогата на Народната банка" - вели за "Фактор" Зоран Јовановски.

Уште една личност чие име се споменува како можен сериозен кандидат е Фатмир Бесими, поранешен вицегувернер, човек кој беше на неколку министески позиции, сега е универзитетски професор и советник во премерскиот тим. Дел од своето образоваие и научна надградба ги имал во странство.

"Изборот на гувернер е јасно дефинирана постапка и процес, во овој момент се воздржувам од коментар" - изјави Бесими.

Во бизнис-банкарските кругови се споменува и името на уште еден банкар, предводник на една од банкарските групации во земјава како и името на актелниот гувернер, кој не е исклчено дека дека ќе се бори за уште еден седумгодишен мандат. Се споменува и име на актуелен функционер, економист кој беше еден од најголмите критичари на економските политики на претходната власт.

Еден од поранешните гувернери Љубе Трпески за "Фактор" вели дека претстојниот избор на гувернер ќе ја тестира "усогласеноста" на релација претседател на држава – премиер.

"За изборот на нов гувернер ќе биде потребна голема усогласеност меѓу претседателот на државата, кој дава предлог за избор на гувернер и премиерот на државата, чие мнозинство треба да го изгласа, односно подржи предлогот во Собранието. Нелогично би било да се предложи решение кое нема да биде поддржано, па оттука ќе биде впечатливо да се види исходот од изборот на нов гувернер. Според мене, процесот на избор се ближи и веќе треба да се знае кој ќе биде номиниран" – вели екс гувернерот Трпески.

Според позитивната законската регулатива, претседателот на државата дава предлог за избор на гувернер а пратениците во Собранието се изјаснуваат, односно гласаат по предлогот. Мандатот на гувернерот е седум години со право на реизбор за уште еден.

faktor.mk

Поврзани

Најнови вести

Коментари