Ќе се зголеми минималната плата


Работодавачите ќе ја зголемат минималната плата со цел да ги задржат своите работници!?

Хроничниот недостиг на работници ќе ги натера поголемиот дел од работодавачите да ги зголемат минималните плати на вработените. Соочени со зголемен тренд на иселување на луѓето поради ниските плати, работодавачите велат дека ќе ја прифатат новата мерка на Владата на РМ за субвенционирање на минималната плата. Па наместо планираното 5процентно зголемување, финансиската помош од владата ќе овозможи платите да пораснат за 7-10%.

„Најмалку половина од работодавачите ќе прифатат. Немаат друга алтернатива. Растат трошоците на живот, зголемен е притисокот за раст на плати, огромен е недостигот на работници. Работодавачите немаат друга можност, или ќе ги зголемат минималните плати или ќе ги затворат фабриките" – изјави Ангел Димитров од организација на работодавачи ТЕЛ.

Од Сојузот на Синдикати очекуваат зголемувањето на платите да ги мотивира работодавачите да ги зголемуваат платите на сите работници.

„Оваа мерка треба да биде стимул и помош на компаниите до создавање на реални услови во компаниите за самостојно обезбедување на исплата на плата која ќе биде во висина на реално вреднуван труд на работниците" – соопштија од ССМ.

Според економистите субвенционирањето на платите нема да ја зголеми продуктивноста и конкурентоста на компаниите. За да може економијата да расте, а фирмите сами да исплаќаат поголеми плати решението според нив треба да се бара во набавка на нови машини и технологии.

„Мерката на владата е позитивна, но сепак 70% од порастот на платата треба да го создаде работодавачот. Значи, тој раст мора да произлезе од растот на фирмата, т.е од поголема продажба и не може да се наложува со закон. Затоа на долг рок поефектни би биле мерките кои поддржуваат инвестиции, надградба на технологија и производство со поголема додадена вредност" – сметаат од Finance think.

Законот за измени и дополнувања на законот за минимална плата во Собранието ќе се носи по скратена постапка. Доколку работникот има плата од 12.000 денари, а работодавачот му ја зголеми за 3.000 денари, 30% од тој износ ќе биде субвенциониран од Владата. Оваа мерка можат да ја користат сите приватни компании во кои трошоците за плата се поголеми од 50% од вкупните расходи. Од минатата година минимална плата од 12.000 денари земаат 90.000 работници.

Поврзани

Најнови вести

Коментари