Граѓаните плаќаат илјадници евра на слепо

Ќе се окозиш за да докажеш дека сметката од пред 10 години ти е платена

Нотарите и извршителите немаат обврска да проверуваат дали долгот, кој може да е постар и од една деценија, е застарен, а должниците кои ќе решат самите да проверат поминуваат низ вистинска голгота во банки кои ги блокирале, адвокатски и нотарски канцеларии, судови, некои дури ангажираат и адвокати.

Секој обичен човек денес мора да биде безмалку правен експерт за да може успешно да се справи со инвазијата на барања за наплата на долгови стари една, две, па и дваесет години. Граѓаните веќе го научија основното правило дека сметките за комуналии застаруваат за една година ако во тој рок не се тужени, но тоа знаење не им вреди многу кога ќе се најдат во ситуација да докажуваат дека сметката за која се бара присилна наплата е платена или пак застарена.

Ако не сакаат да дадат пари на гладно срце, самите мораат да проверат дали долгот е застарен, зашто ниту нотарите, ниту извршителите немаат обврска по службена должност да го прават тоа!

Се почнува со известување од нотар дека постои некаков долг кој треба да се плати, но во писмото што се праќа го нема доказот дека долгот е реален, односно навремената тужба. Адвокатите им советуваат на граѓаните кои имаат дилеми околу долгот да се обратат до нотарот за да ја видат тужбата и печатите на неа. Ако не ја најдат таму, треба да одат во суд и да ја побараат. А кога ќе дојдат во таква ситуација, треба да се вооружат со многу време и нерви.

- Приемниот печат е многу битен. Ги предупредувам граѓаните задолжително да го утврдат датумот кога е поднесен предлогот за наплата, бидејќи од тој датум се проверува дали е поднесен на време или се работи за застарен долг. Ако нема приемен печат, тогаш треба да се провери кај нотарот, кој е должен да го овозможи тоа, советува адвокатот Николчо Лазаров.

Ако долгот поминал низ сите процедури и стигнал до последната - кај извршител, тогаш фамозната тужба треба да се бара на увид во соодветната извршителска канцеларија. Извршителите велат дека од доверителите ги бараат тужбите во оригинал, но понекогаш тие доставуваат и копии кои ги добиваат од судот под изговор дека ги изгубиле или затуриле оригиналите.

Но, работите не се толку едноставни, зашто на моментот на увид во тужбата му претходи вистинска голгота. Извршителите практикуваат да ги изненадат должниците со блокада на сметката, зашто, како што велат, немаат обврска да известуваат дека ќе преземат таков чекор. Како што неодамна во интервју за Вечер објасни извршителот Гордан Станковиќ, во овие ситуации граѓаните многу трпат.

Прво треба да одат во банката и да дознаат зошто се блокирани, но таму може да им кажат дека ги блокирала друга банка. Потоа одат во другата банка, па ги препраќаат во централата, каде ја добиваат информацијата кој извршител ги блокирал. За да дознаат за што се блокирани, мораат да одат кај извршителот, но ако не го најдат во канцеларија, треба да дојдат друг ден.

- Не се сите граѓани информирани, ниту пак можат да плаќаат адвокати. Така, по шест пати ги маткаме граѓаните, а според нашиот закон нема полесен начин, рече во интервјуто Станковиќ.

Долгот е застарен ако бил тужен и само еден ден по рокот до кој требало да се плати сметката испишан на фактурата. Затоа, треба внимателно да се проверат двата датума, при што треба да се имаат и сметката и тужбата. Надлежните, пак, велат дека најголемиот дел од долговите што се наплатуваат преку нотари и адвокати, дури и да се од пред 20 години, не се застарени.

Сепак, не одрекуваат дека има и граѓани кои ги чуваат старите платени фактури за струја, парно, вода, телефон... и успеваат да докажат дека не се должни, или пак биле упорни, оделе до крај и докажале дека долгот не е валиден.

Такви нема многу, бидејќи комуналните фирми во своите канцеларии ги имале судските печати и ги ставале на тужбите. Така многу лесно ги запазувале сите законски рокови и го избегнувале застарувањето. Ова до неодамна беше строго чувана, а денес е јавна тајна.

Постоењето на ваква практика го потврдија граѓани кои се обратија до Вечер приложувајќи тужби за неплатени сметки од пред една или две децении на кои има уреден и навремено ставен судски печат, но не и број под кој предметот е заведен во архивата на надлежниот суд. Сите инволвирани институции во процесот на присилна наплата сметаат дека ова било во ред, зашто на тој начин од една страна се растоварувале судовите, а од друга страна на комуналните претпријатија им се заштедувале огромни суми пари за тужбите кои требале да ги платат веднаш.

Откако на овој начин се задоволени и двете страни, товарот е префрлен на грбот на граѓаните, кои кога ќе сфатат дека долгот, колку и да им е сомнителен, мораат да го платат, треба да се подготват за нова голгота - соочување со неколку пати поголеми суми од испишаните на ненавремено платената сметка. На купче го плаќаат и основниот долг и каматите се до последниот ден, и адвокатските трошоци, и трошоците за нотар, и за извршител.

Колку подоцна се плаќа, толку цехот е поголем, а ако изминала деценија и повеќе, крајната сметка може да биде и десет и повеќе пати поголема од основниот долг. Ретко кој успева да се снајде со испишаните бројки и да открие дали некој во синџирот го краде и кој, па иако револтирани, граѓаните кротко си го плаќаат тоа што ќе им се каже и се задоволуваат со можноста за плаќање на рати, што им ја дава извршителот.

- Треба да се размислува во насока дека при првиот повик на извршителот или при првата информација дека одреден предмет е на извршување, граѓанинот треба да се јави во извршителската канцеларија. На тој начин ќе се избегнат големите трошоци. Ако се јави во првиот момент, трошоците ќе бидат за една, односно за две третини помали, отколку ако се јави шест месеци или една година по информацијата дека предметот е кај извршител, советува претседателот на Комората на извршители на Македонија Зоран Петрески.

До сега никој во државата не се обиде да го реши хаосот со присилната наплата кој владее околу четири години, откога судовите ги префрлија предметите за комуналните сметки кај нотарите и извршителите.

Според Петрески, драстично е намален и бројот на извршни предмети кои се однесуваат на долгови за комунални сметки на граѓаните, стари повеќе години, па и деценија, па последните предмети од комуналната сфера кои доаѓаат кај извршителите се стари година, година и пол. Но такви се уште има, а се појавија и ловци во матно, кои од граѓаните прават уште поголеми жртви.

Така, некои комунални компании наместо преку нотари и извршители, се обидуваат сметките да ги израмнат со посредство на разни агенции. Тие праќаат известување за извесен долг и пополнета уплатница, но не се именуваат, не даваат информација за каков долг се работи, ниту пак овозможуваат рок за жалба. Адвокатот Лазаров препорачува ваквите известувања да се игнорираат, но сепак, некои граѓани информираат дека одговориле на тие барања и си платиле, за да бидат мирни.

Исто така и самите комунални фирми одат во поход. Прво, без никаква најава ја исклучуваат услугата, како струја, телефон и слично, а потоа бараат да се плати долг од пред една деценија. Граѓаните така влегуваат во маѓепсан круг - го плаќаат и наводниот долг без да можат да докажуваат дали навистина го имаат, но плаќаат и за повторно вклучување на услугата.

- Беше побарано од мене да платам за тужбите што ги платила компанијата, односно за таканаречениот судски паушал за сметки платени со задоцнување пред цели 11 години. Се обидов да дојдам до тужбите, но не ми ги дадоа на увид. Како што ме информираа пријатели адвокати, за да биде тој долг од неколку илјади денари реален, и судскиот паушал требало да биде тужен во одреден рок. Но, кога го побарав тоа, дури тогаш службеничката се збуни и не знаеше што да ми каже. Поминаа неколку месеци, а овој проблем се уште ми тежи, бидејќи не успевам да го решам. Веројатно ќе мора да платам на слепо, за да не се искомпликува ситуацијата и да не се зголеми долгот со камати, вели еден скопјанец.

Повеќе од една година Министерството за правда подготвува измени на Законот за извршување, но тие никако да дојдат до Влада, а уште помалку на донесување во Собранието. Според упатените во содржината, тоа што се предлага ниту најмалку нема да ја смени и да ја олесни ситуацијата во која се наоѓаат граѓаните, без разлика дали се вистински должници или се работи за грешка. 

И доставата е проблем

Барањата за наплата на старите долгови не стивнуваат ни во летните месеци кога голем дел од граѓаните се на годишен одмор. Нотари ангажираат доставувачи кои во поштенски сандачиња оставаат известувања дека треба да се подигне пратка и тоа лично, во одреден рок.

За оние кои заминале на летување тоа е невозможно, па не по нивна вина побарувањето стигнува до извршител, со што долгот драстично се зголемува. Исто така, има и стари, изнемоштени и болни лица кои не се во состојба да стигнат до одредницата каде треба да го примат нотарското известување. Каков проблем е ова сведочи скопјанка чиј татко туку што вратен од операција бил повикан лично да ја подигне пратката.

Таа вели дека морала долго да се убедува со доставувачот да и каже за кој нотар и за каков долг се работи, за да го плати на време, а од компанијата која го оставила известувањето и било кажано дека не смеат да даваат такви информации.

Лани извршителите наплатиле 29 милиони евра од граѓани

Близу 108 милиони евра долгови на граѓаните, фирмите и државата се наплатени лани преку извршители. За неплатени долгови, претежно сметки за струја, вода, парно и слично, извршителите од граѓаните присилно собрале 29 милиони евра, од фирмите 65 милиони, а од државата 13 милиони евра.

Минатата година добиени се 159.575 барања за извршување, но реализирани се само 30,99 проценти од нив. Во 2013 година наплатената сума била помала, но процентот на реализација поголем.

Најлесно одело извршувањето во Скопје, а најтешко во Кочани, Берово, Виница и Делчево, каде процентот на реализација на барањата е најнизок.

(С.Ву.)

Поврзани

Најнови вести

Коментари