Присилната наплата кошмар и за Србите

Извршителите наплатуваат и за времето надвор од канцеларија, па должниците плаќаат три пати повеќе

За неплатена казна за паркирање белграѓанецот Петар В. од извршители добил три пати поголема сметка од самиот долг, наместо 6.500 динари, мора да плати 21.270.

До таа сума извршителите дошле откако на главниот долг додале камата, такса на Министерството за внатрешни работи, достава на заклучок, такса за Фондот за пензиско осигурување, составување на поднесокот, достава на писмото, надзор над извршителот и - награда за извршителот, пишува Блиц.

- Знаев дека постои награда за извршителите во висина околу 4.000 динари, но останатите ставки ме изненадија. Не можам да верувам дека јас им плаќам на извршителите за тоа што ги барале моите документи од Министерството за внатрешни работи, за да дознаат кој сум и каде треба да ми ја врачат казната, вели тој.

Последниве денови на удар се најдоа должниците на белградскиот "Паркинг сервис#, кој сега преку извршители ги наплатува долговите на оние кои не ја прифатиле понудената сметка.
Иван Милошевиќ од Комората на извршители вели дека извршителите се принудени некои од тие трошоци да ги префрлат на граѓаните.

- Проблем е што не е решен правниот статус на извршителите. Тие вршат државна работа, а се водат како еден вид претприемачи, па сите државни органи почнаа да им ги наплатуваат податоците за тужените кои извршителите по закон се должни да ги обезбедат. Ако тие такси би ги плаќал самиот извршител, би бил во минус, па трошокот го прелева на должниците, што е скандал. Баравме од сите да ни обезбедат сите тие податоци да ги добиваме бесплатно, но тие не сакаат, вели Милошевиќ.

Сепак, тоа не го оправдува фактот дека таксата која Министерстовото ја наплаќа 300 динари, извршителите да можат да ја наплатат од должникот како максимални 6.000 динари, па граѓаните треба да бидат среќни кога ќе одлучат да им наплатат "само# 1.800 динари, односно шест пати повеќе од реалната вредност.

На истиот начин се зголемува и трошокот за такса за ПИО фондот и за катастарот, кои чинат до 720 динари, но за кои граѓаните преку извршители даваат барем двојно.

- Во таа цена ние го пресметуваме времето што сме го потрошиле за обезбедување на таа такса, материјалот, горивото, работникот кој бил задолжен за таа работа, времето поминато надвор од канцеларија, се правда еден белградски извршител.

Инаку, српските извршители без налог на судот можат да наплатуваат долгови за кои имаат сметка, односно долгови кон јавните претпријатија, додека за приватните долгови потребна им е судска пресуда.

Поврзани

Најнови вести

Коментари