logo
logo
logo

Историски пад на лирата - ХАОС во Истанбул и Анкара

Vecer | 25.11.2021

Историски пад на лирата - ХАОС во Истанбул и Анкара

Турската полиција блокираше делови од Истанбул поради протестите во најголемиот турски град и главниот град Анкара поради зголемените цени и инфлацијата, кои веќе достигнаа 20 отсто во земјата, додека претседателот Реџеп Таип Ердоган вели дека води војна за економска независност, што може да да го порази на изборите во 2023 година.

Помали демонстрации беа организирани ноќта меѓу вторникот и средата против Партијата на правдата и развојот (АКП) на Ердоган и може да бидат вовед во поголем бран незадоволство.

Вредноста на националната валута забележа најголем дневен пад од 15% во вторникот, со што за прв пат ја проби границата од 13 турски лири за еден долар. Турската лира загуби 42 отсто од вредноста во однос на доларот од почетокот на оваа година.

- Ова е како хорор филм - изјави за Фајненшл тајмс Енвер Еркан, аналитичар во истанбулската Тера Инвестмент, додавајќи дека е тешко да се процени уште колку турската национална валута може да потоне бидејќи владата на Ердоган изгледа подготвена едноставно да дозволи лирата и продолжува да паѓа.

Блумберг наведува дека падот на лирата веќе ги зајакнува политичките противници на турскиот претседател.

Ердоган се обидува да ја зајакне економијата со ниски каматни стапки, да овозможи отворање нови работни места и да ја оживее ослабената популарност во пресрет на општите избори во 2023 година, но наглиот пораст на цените како резултат на таквите економски политики има токму спротивен ефект.

Али Бабаџан, долгогодишен министер за економија, кој сега ја води опозициската партија Дева, го обвини Ердоган за банкрот на Турција. Ахмет Давутоглу, поранешен шеф на турската дипломатија и поранешен претседател на владејачката партија АКП, уште пожестоко ја нападна економската политика на Ердоган.

– Овде веќе не станува збор за незнаење, ова е предавство – твитна Давутоглу.

[embed]https://www.youtube.com/watch?v=knhIpZjkHFo[/embed]

- Последните превирања ќе ги турнат неодлучните гласачи во опозициските редови кои се вознемирени поради состојбата на економијата. Зголемени се шансите владејачката партија трајно да падне под 30 отсто поддршка - изјави Јан Селчуки, директор на турската агенција за истражување на јавното мислење Рапор.

Турската лира изгуби две третини од својата вредност во последните три години, што ги зголеми трошоците за живот за 84 милиони Турци. Семих Тумен, поранешен заменик-гувернер на централната банка, кој минатиот месец беше сменет од Ердоган, повика на итно враќање на политиката што ја штити вредноста на лирата.

Овој ирационален експеримент кој нема шанси да успее мора веднаш да се напушти“, напиша Тумен на Твитер.

Изборите закажани за 2023 година ќе бидат прво гласање во Турција по шокантниот пораз на Ердоган на локалните избори во 2019 година, кога АКП ја загуби власта во поголемите градови, вклучително Истанбул и Анкара, за прв пат по четвртина век. Ердоган во вторникот ја отфрли идејата за распишување предвремени избори.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk