Инфлацијата во еврозоната достигна рекордни 8,6 отсто во јуни, што е над очекувањата, а продолжува притисокот врз Европската централна банка да почне да презема уште построги мерки за борба против спиралните зголемувања на цените, објави Политико.

Експертите прогнозираа дека инфлацијата во јуни ќе биде 8,4 отсто, односно ќе биде за 0,3 отсто повисока од мај.

Во соопштението на Евростат се наведува дека најголемо влијание на негативниот тренд на инфлацијата има зголемувањето на цените на енергенсите кои во јуни изнесуваат 41,9 отсто на годишно ниво, како и цените на храната, алкохолот и тутунот кои забележаа пораст од 8,9 проценти.

Балтичките земји сепак беа најпогодени, бидејќи инфлацијата достигна 22 отсто во Естонија, 20,5 отсто во Литванија и 19 отсто во Латвија. Најниска инфлација од 6,1 отсто е забележана во Малта, а повисока е за 0,4 отсто во Франција.

Од 19 земји од еврозоната, девет забележаа двоцифрена инфлација во јуни.

Поради овој крајно неповолен тренд, Европската централна банка претходно најави дека во јули ќе ја зголеми референтната каматна стапка за 25 базични поени, а во септември ќе следи уште поголем пораст, но по денешниот извештај поверојатно е дека зголемувањето во јули ќе биде позначајно.

Фото: Илустрација Profimedia