logo
logo
logo

Инфлација и страв од недостиг на храна: КАКО ЌЕ СЕ СПРАВИМЕ СО НАЈВИСОКИТЕ ЦЕНИ ВО ИСТОРИЈАТА?

Vecer | 14.08.2022

Инфлација и страв од недостиг на храна: КАКО ЌЕ СЕ СПРАВИМЕ СО НАЈВИСОКИТЕ ЦЕНИ ВО ИСТОРИЈАТА?

Постојано следење, релаксирање на регулативите и продолжување на увозот на жито - ова се дел од мерките со кои ЕУ се обидува да го спречи недостигот на храна во екот на светската криза со највисоките цени на храната во историјата, пишува ENR (European Newsroom) проект на 16 европски новински агенции.

Иако ЕУ се обидува да се спротивстави, многу земји во Европа се борат со значителен пораст на цените.

Невидена суша

Одговорот на ЕУ на глобалната криза со храна е да ги следи нивоата на складирање на култури во земјите-членки, да ги релаксира еколошките регулативи за да го поттикне производството на храна и да најде алтернативни патишта за извоз на украински жито.

Поради невидената суша, сепак, расте стравот дека приносите во Европа ќе бидат намалени.

Ова дополнително ќе ги зголеми цените на храната, кои веќе значително се зголемија, делумно поради војната во Украина.

Иако по договорот меѓу Русија и Украина беше рестартиран извозот на жито од украинските црноморски пристаништа, сепак преовладува загриженоста.

Според податоците на ЕУ, има многу мали шанси во блиска иднина да се достигне нивото од пред војната од пет милиони тони жито што се извезуваше секој месец од украинските пристаништа.

Првиот брод што го напушти пристаништето во Одеса во согласност со договорот пренесе само 26.000 тони пченка. Изнаоѓањето алтернативни патишта за извоз е сè уште клучно, велат од Европската комисија.

Еколошките прописи се ублажуваат

Соочена со можен недостиг на храна, Европската комисија сега ги олеснува еколошките регулативи претходно наметнати на земјоделските производи за да овозможи поголемо производство на храна.

Реформата на земјоделската политика на ЕУ, која треба да стапи во сила во 2023 година, резултираше со построги еколошки стандарди во земјоделството. Тука спаѓа и обврската земјоделците да ја заштитат почвата за да не одгледуваат исти култури на неа неколку години по ред.

Сепак, има сè погласни повици да се релаксираат тие еколошки стандарди за да се овозможи производство на повеќе жито бидејќи помалку може да се испорача од пристаништата во Украина разурнати од војна.

Секој тон жито произведен во ЕУ ќе помогне да се зголеми глобалната безбедност на храната, соопшти Комисијата.

Германија и Австрија користат поблаги мерки

Австрија се согласи со предлогот на Европската комисија за продолжување на употребата на јаглен за земјоделско производство до крајот на 2023 година.

Во исто време, германскиот министер за земјоделство предложи да им се дозволи на земјоделците да користат поголем дел од нивната земја за одгледување жито, со оглед на недостигот на светскиот пазар. Берлин ќе ги суспендира новите регулативи на ЕУ за плодоред на една година.

Додека пратениците и земјоделските задруги го поздравија предлогот, еколошката група Гринпис остро го критикуваше министерот за потклекнување на притисокот од земјоделското лоби.

Франција: катастрофа за земјоделците, екосистемите и биолошката разновидност

Соочена со историска суша, влошена од третиот екстремен топлотен бран, француската влада го активираше пакетот за итна помош на 5 август.

„Оваа суша е најлошата досега забележана кај нас“, соопштија од кабинетот на премиерот.

Сувите услови се „катастрофа“ за земјоделците ширум земјата, како и за „нашите екосистеми и биодиверзитет“, додаде таа.

Ограничувања на потрошувачката на вода веќе се воведени во речиси сите 96 француски департмани во Европа, а највисокото ниво на предупредување е на сила во 73.

Сепак, владата не одговори на критиките за исклучоците дадени на терените за голф. Дозволено е наводнување на терените за голф, дури и во одделенијата кои сега се на тревога за суша.

Неколку европски земји, исто така, издадоа предупредувања за сериозно суша, а ЕУ ги повикува членките повторно да почнат да користат пречистени урбани отпадни води на фармите каде што недостасува.

Инфлацијата во Шпанија продолжува да расте

Во Шпанија потрошувачите се тешко погодени од поскапувањето на храната. Прво пандемијата, потоа поскапувањето на струјата и горивото и на крајот војната во Украина.

Тоа е нагло зголемување што особено ги погодува семејствата со пониски примања.

Во јуни е забележана рекордна цена од 13 евра за дињите.

Шпанскиот министер за земјоделство, рибарство и храна Луис Планас сака светските пазари за храна да бидат потранспарентни за да се постигне стабилизација на цените.

Хрватска: Речиси нема намалување на цените во продавниците и покрај намалувањето на ДДВ

Следејќи го трендот во другите земји на ЕУ, Хрватска го намали ДДВ за енергија, санитарни и прехранбени производи во обид да го ублажи влијанието на сегашните високи цени.

Стапката на ДДВ е намалена од 25, односно 13 отсто, на 5 отсто.

Хрватското здружение за заштита на потрошувачите (ХУЗП) неколку пати го повика Државниот инспекторат да изврши контрола на цените на храната бидејќи спротивно на очекувањата немаше намалување на цените.

Сепак, како и во другите земји-членки на ЕУ, во земјата се фрла огромно количество храна.

Хрватите годишно фрлаат околу 71 килограм храна по жител, што е вкупно повеќе од 280.000 тони.

Стапката на инфлација во Македонија достигна 16 проценти

Според Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), актуелната инфлација значително ја намалува куповната моќ.

Куповната моќ на минималната месечна плата падна од 290 на 244 евра, додека куповната моќ на просечната плата сега е 428 евра наместо 510.

Македонија е зависна од увозот на одредени основни прехранбени производи како пченица, масло за јадење, месо и млеко. Според пресметката на ССМ, минималните трошоци за едно семејство во јули изнесувале околу 760 евра.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk