Македонија напредува во користењето на современите технологии

ИКТ е клуч за развојот, македонските фирми слабо ги користат

За 2014 година нашата земја се наоѓа на 57. место на Светскиот економски форум и е за десет места погоре од претходната година. Од аспект на ИКТ, како што истакна министерот Иво Ивановски има голем број индикатори во кои имаме добри страни, но треба да се продолжи да се работи на ова поле со цел да се подобрат слабите индикатори, како што е користењето на ИКТ во приватниот сектор

Македонија многу напредна во годинешниот извештај на Светскиот економски форум за рангирањето на ИКТ-технологиите. За 2014 година нашата земја се наоѓа на 57 место и е за десет места погоре од претходната година.

Од аспект на информатичките и комуникациските технологии, како што истакна министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски во обраќањето пред присутните на конференцијата „Европски ден на претприемништвото и отворените денови на МАСИТ#, што се одржа вчера во Скопје во организација на Европската бизнис асоцијација и Македонската стопанска комора за информатичка технологија, има голем број индикатори во кои имаме добри страни, но треба да се продолжи да се работи на ова поле со цел да се подобрат слабите индикатори, како што е користењето на ИКТ во приватниот сектор.

- Тука не зборувам за компании на кои основна дејност им се информатичко комуникациските технологии, туку останатите компании кои треба да ги применуваат најновите технологии. Една од најслабите мерки ни е и патентирањето, односно нови патенти и изуми - изјави Ивановски.

Тој информира дека по број на интернет корисници Македонија е рангирана на 43 место, според број на мобилни корисници на 82 место, домаќинства со интернет - 49, фиксен широкопојасен интернет - 48 место, домаќинства што користат компјутер - 55, широкопојасен интернет преку мобилен - 63, интернет пристап во училиштата - 40 место, софтвер, пиратерство - 62, пристап до најнови технологии - 80, капацитет за иновации на 94 место, наоѓање инвестициски ангел на 90 место, вложување во обуки на вработените од страна на компаниите на 104 место.

Според индексот на влијанието на ИКТ во креирање нови сервиси и производи Македонија е рангирана на 81 место.

Ивановски нагласи дека Владата веќе подготвува акциски план за секој индикатор, кој ќе биде доставен до приватниот сектор, по што ќе биде усвоен со цел да се подобри рангирањето.

Глигор Бишев, претседател на Европската бизнис асоцијација потенцира дека 66% од македонските компании не користат нови технологии за поголем развој. Според него, неемитувањето акции за зголемување на капиталот е исто така ограничувачки фактор за поголем развој.

- Треба да се користат можностите за финансирање издржани идеи за почнување бизнис, но и за зголемување на капацитетите на веќе етаблираните фирми. Во Македонија во последните 20 години ниту една компанија нема направено јавна емисија на хартии на од вредност. Малите бизнис кои треба да растат и да се движат претежно сакаат својот раст да го базираат на позајмени средства од екстерни извори, а за да се позајмат средства мора да имаат и сопствено учество - рече Бишев.

Тој образложи дека македонските компании својот раст претежно го базираат или од задржаниот профит или од кредитирање од банките.

- И од тој аспект и растот на македонските компании е доста бавен во однос на меѓународниот раст. Акционерските друштва во Македонија во однос на вкупниот број компании се 0,7% - нагласи Бишев.

Слаѓан Михајловски, претседател на МАСИТ истакна дека фокусот на ИКТ-секторот во наредниот период треба да биде извозот.

- Компаниите треба да се фокусираат на извозот бидејќи тоа е единствениот спас за држава како Македонија - подвлече Михајловски кој истакна дека информатиката е индустрија со додадена вредност која може да донесе многу девизи во Македонија.

Министерот Ивановски информираше и за 14-та Пленарна конференција на ИТУ што се одржа во Бусан, Јужна Кореја.

- Една од жешките теми за коишто се дискутираше повторно беше темата кој и како да владее со Интернетот. Јасно можеше да се забележат разликите помеѓу група на земји: од една страна, Русија, Куба, Обединетите Емирати, Саудиска Арабија и од време на време Индија и Бразил, а од друга САД, Британија и Германија - рече Ивановски.

(С.Бл.)

Поврзани

Најнови вести

Коментари