logo
logo
logo

Игор Лештар: Со „Синами“ се стремиме да бидеме компанија двигател на дигиталното живеење

Vecer | 05.04.2021

Игор Лештар: Со „Синами“ се стремиме да бидеме компанија двигател на дигиталното живеење


„Синами“ по аквизицијата на „Сеавус“ се издвојува како нов, самостоен бренд, меѓутоа луѓето кои ја сочинуваат оваа компанија, се истите ИТ професионалци во индустријата со 20-годишно искуство зад себе, вели Игор Лештар, претприемач и сопственик на новата софтверска компанија „Синами“ во интервју за Фактор.

Поводот за интервјуто е токму основањето на „Синами“ која до неодамна беше дел од групацијата на „Сеавус“, меѓутоа по аквизицијата на „Сеавус“ од страна на чешката групација АРИКОМА, започнува самостојно на пазарот. По две децении успешна работа за меѓународни водечки компании, Лештар вели дека „Синами“ е веќе одлично позиционирана глобално и ребрендирањето, всушност, не значи ништо за нивните клиенти бидејќи тие не ја препознаваат компанијата по новото име, туку по продуктите кои ги користат речиси 20 години, а сега се заинтересирани да ја продлабочуваат соработката и заедно да развиваат нови производи и да градат уште поуспешни приказни. Она што сега е веројатно ново, е дека по ребрендирањето, „Синами“ се стреми да биде компанија двигател на дигиталното живеење, истакнува Лештар.

Инаку „Синами“ е приказна која започнува во рамките на „Сеавус“ во 2003 година, кога добиваат барање од клиент да решат одреден проблем за поефикасно менаџирање на нивните работни процеси. Тогаш, раскажува Лештар, го развиле продуктот Seavus Project Viewer исклучиво за овој клиент кој откупил 4000 лиценци, што всушност било и првата зделка на „Синами“. Seavus Project Viewer, инаку, е напредно софтверско решение за проектен менаџмент, кој денес е „бестселер“ со преку 4 милиони инсталации на околу 4000 клиенти од 172 земји ширум светот.

Лештар самиот вели дека токму продажбата на првите 4000 лиценци од Seavus Project Viewer го поттикнала да направи тим за продуктот да се пласира преку интернет низ целиот свет, како независно бизнис решение. Оваа одлука и го трасирала патот за понатамошен развој на „Синами“, па оттука почнале да развиваат и нови производи за проектен менаџмент кои денес ги користат 70% од најуспешните Fortune 500 компании. „Тоа се апликации кои им помагаат на големите проектни организации да работат пооптимално и да ја подобрат нивната организациска ефикасност, притоа овозможувајќи им заштеда на трошоци и време и зајакнувајќи ја тимската работа. Ние опслужуваме исклучително големи клиенти со просечна големина од 40.000 вработени. Овде зборуваме за портфолио клиенти како Airbus, Rolls Royce, McLaren, SAP, Tesla и слични профили на клиенти од многу различни индустрии“, вели Лештар во интервјуто.

На локалниот пазар, од друга страна, компаниите се прилично мали и во голема мера воопшто и немаат потреба од вакви бизнис решенија, па тој потенцира дека развојот и продажбата на „Синами“ не се ограничува територијално, туку тие развиваат производи за компании или индустрии на кои што им се потребни решенија, независно од која земја доаѓаат. Доколку се отвори можност за соработка и со македонска компанија, секако дека

можноста не е исклучена, меѓутоа сега, особено во ова време на Ковид, најголемиот фокус на „Синами“ е да продолжат да им помагаат на големите компании да го оптимизираат своето работење.

Со оглед на тоа дека живееме во време на пандемија, која сакале или не, наметнува потреба за што побрза дигитална трансформација на бизнис процесите, сега „Синами“ почнува да работи и на развивање софтвери во сферата на интерната комуникација на компаниите, со цел уште повеќе да ја оптимизираат нивата работа, како што вели Лештар, бидејќи брзата дигитализација наметна и уште побрза комуникација.

Всушност големото искуство во развој на производи за проектен менаџмент, знаењето што го имаат стекнато работејќи на некои од најголемите водечки компании, како и човечките ресурси со кои располагаат се најголемата предност на компанијата и основата на бизнисот. „Токму ова ни овозможува да ги предвидиме трендовите и потребите на пазарот, како и да осмислуваме, тестираме и лансираме продукти кои ќе одговорат на предизвиците што ги носи новото време. Моето лично искуство во менаџмент и развој на компании исто така го вбројувам како предност, како и високите корпоративни стандарди кои ги поставив уште од времето на раководоење на „Сеавус“. На кратко, имаме искусен тим, многу стекнато знаење и стабилна база на клиенти, но нова енергија и визија. Оваа комбинација верувам дека ќе даде одличен резултат“, вели Лештар.

Во интервјуто за Фактор тој зборува и за предизвиците со кои се соочуваат како ИТ индустрија, земајќи предвид дека локалниот ИТ пазар се соочува со дефицит на квалификуван ИТ кадар, а пак ИТ индустријата е најбрзорастечка по сите параметри. Тој објаснува дека ситуацијата е слична на сите пазари и не очекува промена на состојбата во брзо време, бидејќи динамиката на самото живеење и сè поголемата потреба од дигитална трансформација и автоматизација на бизнис процесите ќе продолжат да бидат актуелни, што пак ќе продолжи да создава и силно конкурентски услови на ИТ пазарот. Токму затоа, вели Лештар, ќе биде неопходно што поагилно работење, следење на сите трендови што ги носи дигиталната ера и што побрзо адаптирање на новите услови, со цел подготвени да ги дочекаат сите промени кои може и натаму да се наметнуваат.

На крајот тој се осврнува и на краткорочните планови за раст и развој на компанијата и вели дека само до крајот на оваа година, очекува раст од над 50% по бројот на вработени, а согледувајќи ги перспективите за раст, со оваа динамика ќе продолжат и следната година. „Континуирано работиме на анализа на пазарот и очигледна е констатацијата дека потенцијалот во ИТ секторот, а особено во сегментот во кој што ние работиме, е огромен. Сѐ ова секојдневно ни отвора нови можности и тоа ние сме подготвени го искористиме“, заклучува Лештар за Фактор.


makfax.com.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk