На европските патишта има 19 милиони возила со „сомнително“ ниво на штетни гасови и 13 милиони со „екстремно“ ниво.

Пред осум години, по откривањето на аферата „дизелгејт“ во која Фолксваген, Ауди и Порше беа фатени како користат софтвер за мамење на тестовите за издувни гасови, сè тргна надолу за дизел моторите.

Иако многу производители во меѓувреме се откажаа од нив, ловот на дизели не запира.

Според најновата студија објавена од непрофитната истражувачка организација International Council for Clean Transport (ICCT), дури 77 отсто од дизел автомобилите на европските патишта произведуваат такви нивоа на емисија што укажуваат на присуство на уреди за манипулирање со податоците за емисиите, пишува Јутарњи.

Користејќи ги податоците од 1.400 официјални владини тестови, студијата покажа дека 77 отсто од автомобилите со дизел Еуро 6 (Евро 6 е името на тековните правила за емисиите на ЕУ) и 85 отсто од постарите возила со Еуро 5 имаат „сомнителни“ резултати.

„Екстремни“ нивоа на емисии се откриени во најмалку 40 проценти од тестовите, што докажува дека присуството на уред за манипулација е „речиси сигурно“ во овие случаи.

Во извештајот се проценува дека моментално има 19 милиони возила на патиштата во Европската унија и во Велика Британија со „сомнителни“ нивоа на емисија и 13 милиони со „екстремни“ нивоа.

„Овие резултати даваат силен доказ за властите конечно да истражат и да преземат акција за справување со големите здравствени ризици што ги претставуваат дизел автомобилите на нашите патишта“, рече Питер Мок, извршен директор на ICCT за Европа.

Како што пренесува Политико, три еколошки невладини организации рекоа дека ќе ги тужат француската, британската и германската влада поради нивниот „неуспех да се справат со злото на нелегалните уреди“ и да ги принудат производителите на автомобили да платат за повлекување на проблематичните дизел автомобили.

Фото: Профи