Кошмарот привршува

Граѓаните можат да здивнат, извршителите се помалку наплатуваат долгови од пред повеќе години

Од 2011 година кога судовите се ослободија од наплата на старите сметки, кај извршителите се префрлени 62.349 предмети, од кои првата година 7.833, во 2012 година 48.829, во 2013 година 1.336, лани 4.349, а во првите девет месеци од оваа година до извршителите дошле за наплата само 332 вакви предмети

Граѓаните конечно можат да здивнат. Стивнува кошмарот со наплатата на сметките за комуналии стари и до две децении, што го живееја од 2011 година наваму. Извршителите кои ја вршат наплатата на ваквите долгови велат дека годинава бројот на овие сметки кои тие ги добиваат од судовите е сведен на минимум и дека не очекуваат прилив на нови.

Според податоците со кои располага Комората на извршители на Македонија од 2011 година кога почна трансферот на сметките од судовите, до крајот на септември годинава по извршители се распределени вкупно 62.349 вакви сметки, од кои некои датираат и од деведесеттите години на минатиот век. Статистиката на Комората покажува дека во првата година до извршителите дошле 7.833 вакви извршни предмети, додека пак следната година, 2012, имало наплив од 48.829. Во 2013 година од судовите на извршители се пренесени за присилна наплата 1.336, а во 2014 година 4.349 предмети. Во деветте месеци од оваа година од суд се повлечени и предадени на извршители вкупно 332 вакви предмети.

Во изминатите четири-пет години илјадници семејства поминуваа низ вистинска агонија кога на вратата ќе им затропаше извршител со барање да платат сметка за струја, вода, парно, телефон и слично од пред пет, 10, 15, па и 20 години, која додека стоела во фиоките во судовите, освен прав наталожила и камати за сите години, адвокатски тарифи, судски паушали и на крајот трошоци за извршување, па станала и до десет пати поголема. Дел од нив платија, дел докажаа дека сметката всушност им била платена, додека пак на некои долгот се уште им стои и секојдневно се зголемува.

Во изминатите години додека се туркаше селењето на старите сметки од судовите кај извршителите како дел од реформите на судството, во редакцијата на Вечер пристигнаа многу реакции од револтирани граѓани. Скопјанка се пожали дека за 50 денари колку што пред неколку години и останала должна на Топлификација, извршителот и побарал да плати околу 100 евра. Друг скопјанец, пак, за основен долг од 25.000 денари, кој, како што вели претходно делумно го платил, но нема доказ, за 15 години колку што се развлекла присилната наплата, морал да плати 150.000 денари. Во спротивно, ќе останел со блокирана сметка.

Примерите и поплаките што ни ги пренесоа граѓаните се бројни, но извршителите оценуваат дека до нив сега веќе нема да доаѓаат налози за наплата од судовите, иако кога почна нивниот трансфер се најави дека за присилна наплата до приватните извршители ќе дојдат неколку стотици илјади сметки.
- Не верувам дека уште ќе добиваме такви предмети. Мислам дека голем дел од доверителите не ги подигнаа од судовите за да им ги предадат на извршителите, односно се откажаа од наплата на дел од долговите, вели извршителот Гордан Станковиќ.

Како се пумпаат сметките додека дојдат до извршител објаснува претседателот на Комората на извршители Зоран Петрески. За долг од 3.000 денари каматата за две или три години е околу 1.000 денари, а нотарските трошоци кога станува збор за платен налог се околу 1.000 денари. Ако фирмата што тужи ангажира адвокатска канцеларија, адвокатските трошоци можат да бидат меѓу 5.000 и 10.000 денари.

- Кога се тоа ќе се собере, во моментот кога предметот ќе дојде кај извршител долгот веќе не е 3.000, туку 12.000 денари. Извршните трошоци во првиот момент се отприлика 2.500 денари. Доколку граѓанинот веднаш реагира, каже дека веќе има долг кој го отплаќа, или му е блокирана платата или ако донесе потврда дека е корисник на социјална помош, извршувањето ќе запре за корисникот на социјална помош, а за граѓанин кој веќе отплаќа долг со една третина од плата, ќе се направи налог кој ќе чека по завршување на налогот за кој веќе има постапка, објаснува Петрески.
Тој оценува дека на граѓаните се уште не им е јасно дека трошоците за извршување за предметите за комуналии воопшто не се големи, туку во сметката има и други. Но, додава дека кога должникот го избегнува извршителот, тогаш трошоците за извршување од 2.500 можат да се зголемат на пет, шест, седум илјади, во зависност од тоа колку други дејствија ќе преземе извршителот за да му наплати на должникот кој се крие од него.

Петрески потенцира дека целта на извршителите не е некого да осиромашат и постапките што ги преземаат не се резултат на нивните желби. Но, на граѓаните кои биле "изгорени" со три, четири, па и пет пати зголемени сметки стари повеќе години им е сосема сеедно каде одат парите што мораат да ги платат. Тие се револтирани од тоа што долгот доаѓа за наплата по толку многу години, за кои мора да се плати и камата, која некогаш ја надминува главнината. Дел од извршителите и судиите ги поддржуваат и велат дека должниците воопшто не се виновни, па не е фер да плаќаат туѓи грешки, поради кои предметите се вадат дури откако изминала деценија и повеќе.

Една судијка, неодамна прокоментира дека кога таа би била во таква ситуација, би ја тужела државата.
Револтираните граѓани кои ќе решат нешто да сторат најчесто се жалат на извршителите. Не сите знаат дека постои процедура која може да им помогне да се ослободат од каматите на долгот кои се наталожиле не по нивна вина. Кога од нив се бара да платат долг со задоцнување од повеќе години, "зачинет" со огромни камати, дури и кога тој не е застарен, тие можат да се обратат до Врховниот суд за носење одлука во неразумен рок. Ако исходот е негативен, потоа можат да се обратат и до Судот за човекови права во Стразбур. (С.Ву.)

Поврзани

Најнови вести

Коментари