Владата почна голем проект

Градени во турско, сега ќе добијат европски лик

Започна реализацијата на проектот за рехабилитација, надградба и реконструкција на железничките станици Велес, Прилеп, Битола, Гевгелија, Богомила, Чашка, Табановце, Демир Капија, Градско и Неготино - Вардар. Реконструкцијата на скопската железничка станица е во тек

Осамени патници стојат на запуштените железнички станици долж македонските пруги кон Велешко, Прилеп, Штип, Гевгелија е секојдневие кое го гледа патникот намерник кој патува со воз на Македонски железници.

Повеќето од станиците што се меѓу поголемите градови личат на места како таму одамна да не зачекорила човечка нога, отколку на објект каде што треба да го почекаат возот што ќе ги качи и ќе ги однесе на посакуваната дестинација.

Жителите кои гравитираат кон овие станици (ако може така да се наречат) бараат да им се направат услови, објектите да се обноват бидејќи наликуваат на едно дамнешно време од пред сто години, а железничарите, пак, велат дека нема економска оправданост да се инвестира во нивна обнова за толку малку патници.

За разлика од овие патници, повеќе среќа ќе имаат жителите на десет градови во земјава што се долж пругите од Коридорот 10 и кракот 10-Д.

Започна реализацијата на проектот за рехабилитација, надградба и реконструкција на железничките станици: Велес, Прилеп, Битола, Гевгелија, Богомила, Чашка, Табановце, Демир Капија, Градско и Неготино - Вардар.

По објавениот оглас на интернет-страницата на Европската комисија на кој се бараа компании кои директно ќе го имплементираат проектот, до крајниот рок за поднесување на понудите се пријавија вкупно 9 компании.

Во тек е постапката за евалуација на пристигнатите понуди.

Согласно динамиката на реализација на проектот се очекува евалуацијата да се заврши до крајот на годината и веднаш потоа да се избере компанијата која ќе го имплементира проектот.

Градени во турско време

Во каква состојба во моментов се станиците во овие градови. Се забележува дека поголемиот број од нив се со сличен изглед, односно оние што се градени во турско може да се каже се исти.

Такви станици има доста и низ Србија, а низ Хрватска се некако слични меѓу себе, но се во австроунгарски стил, што покажува дека во тие тогашни империи дефинитивно имало некоја стандардизација на изгледот на железничките станици.

Најголемиот број станици се правени од неколку проектанти со мали измени и проширувања, со неколку исклучоци.

На пример, во Македонија таква е втората станица во Скопје и можеби најубавата станица на овој дел од Европа, станицата Градско, и двете на некој начин се уникатни.

Затоа, оваа репортажа за некои од десетте станици што ќе се обноват ја започнуваме од Градско. Има само долг перон со мала табла на која напишано името и толку.

Со ништо не може да се претпостави дека на десетина метри од станицата се наоѓа една од поголемите станици во Македонија.

Станицата Градско е изградена на крајот од 19. век, била многу современа - имала подземни премини за доаѓање до пероните. Функционирале се до средината на минатиот век, а сега премините се покриени со лимени плочи.

Железничката станица Велес е најфреквентна во Македонија со илјада патници дневно и се наоѓа пред Скопје и Прилеп. Таа е лоцирана на железничкиот сообраќаен јазол од магистралната пруга Табановце – Скопје – Велес - Гевгелија, пругата Велес – Прилеп - Битола и пругата Велес - Штип - Кочани и е станица со 10 колосеци. Патниците имаат забелешки на условите во железничката станица.

- Видете на кое дереџе е станицава. Погледнете ја само чекалнава. На се личи, само не на чекална. Зиме студи, на лето е неподносливо топло. Просторијата за мајки со деца одамна не постои. Нема ништо, а и хигиената е на најниско ниво - вели еден редовен патник.

Откако е изградена, не е реновирана. Се распаѓа. Со години е така. Вработените се услужливи. Немаме замерка за нив, ама за станицава жално е да се гледа во каква состојба е - велат патниците.

Велес, како град во кој првпат пристигнал воз, заслужува да има убава железничка станица. Освен станицата, ќе се реновираат и железничките постојки изградени пред повеќе од 50 години, а хортикултурно ќе биде уредена и околината на станицата.

Битолската железничка станица е една од најстарите во земјава, изградена е пред 120 години. Таа кон крајот на 19. и почетокот на 20. век била главен поврзувач со Солун. Султанот Мехмет Петти во 1911 година преку оваа пруга од Солун пристигнал во Битола.

Реконструкцијата на железничката станица ќе опфати реновирање на водоводната и електричната инсталација - вклучувајќи ги и внатрешното и надворешното осветлување, санитариите, инсталацијата на системи за греење и ладење, системи за противпожарна заштита, патнички информативен систем, како и подобрување на пристапноста за товарен транспорт и достапност и поврзување со патниот транспорт.

Исто така, целосно ќе се замени покривот, подовите, фасадите и внатрешните ѕидови, а ќе биде поставена нова термичка изолација, нови тоалети, како и рампи за подобрување на пристапноста за лицата со намалена подвижност.

 

Железничките станици ги паметат говорите на Тито од неговиот "Син воз"

Железничките станици за време на Титова Југославија беа места каде што беше пречекуван маршалот Јосип Броз Тито.

На 6 јуни 1954 година по посетата на Грција, каде што главно разговара за безбедноста на Балканот, Тито држи говор во Гевгелија, потоа ги поздравува и граѓаните на Тиквешијата, кои го дочекуваат истиот ден на железничката станица во Неготино.

По ова "Синиот воз" со кој патува Тито преноќува на отворена пруга ноќта меѓу 6 и 7 јуни. Во раните утрински часови на 7 јуни Тито пристигнува во Велес, каде што го пречекуваат илјадници граѓани на Велес и Велешко, пред кои исто така држи пригоден говор.

Истиот ден Тито и "Синиот воз" се во Скопје на железничката станица. Тука пред 200.000 граѓани Тито држи говор. По говорот и краткиот престој во кафе-ресторанот на железничката станица, Тито заминува за Белград.

Пет години подоцна, поточно на 6 март 1959 година "Синиот воз" со Тито минува низ Гевгелија, Неготино и Велес и во сите три града држи поздравни говори во кои главно ги истакнува резултатите од посетите на Индија, Бурма, Индонезија, Египет и другите земји каде што е пречекан величествено.

По ова допатува во Скопје, каде што преноќева. Од "Синиот воз" маршалот Тито најчесто ги држи говорите ширум градовите и селата на Македонија низ кои минува враќајќи се од Грција.

 

Се реновира делото на Кензо Танге, станицата Скопје

- Новата Скопска железничка станица, која е во рамките на Транспортниот центар, беше пуштена во употреба пред 33 години и во тоа време претставуваше најмодерен сообраќаен центар во Македонија, но и пошироко на Балканот. Низ неа дневно поминуваа по 70 возови и околу 7.000 патници. Со својот специфичен изглед и градба претставуваше врв на архитектурата за тоа време. Оттогаш немало ниту еден поголем инвестициски зафат, а сегашните активности ќе придонесат за враќање на нејзиниот сјај - вели директорот на "МЖ - Транспорт", Ирфан Асани.

Од идеја до градба на скопската железничка станица требало да поминат 15 години. Урбанистичкиот план за центарот на градот, дело на познатиот архитект Кензо Танге, бил усвоен во март 1966 година, а градежните работи почнале во 1971 година од страна на градежните фирми "Бетон", "Маврово" и "Пелагонија".

Во објектот се ставени 70.000 кубни метри бетон, што е приближно колку што собира во колона од десет километри камиони-мешалки до крајот на булеварот "Партизански одреди" и назад. Вградија и 11.000 тони железо, што е за околу 1.500 тони повеќе отколку на Ајфеловата кула во Париз.

Повозрасните архитекти се сеќаваат на изградбата на станицата и на нејзиното значење за градот и од архитектонски и од функционален аспект.

Тие велат дека станува збор за функционален и одлично организиран простор за да овозможи максимална безбедност и удобност во секој поглед.

Други сметаат дека објектот е скапо решение и се практикува во земји каде што има развиен железнички собраќај, како во Јапонија.

Малиот број патници е главната причина за пропаѓањето. Порано имало по 70 воза дневно и 70.000 патници, а денес одвај по 50 воза, чиј број е енигма поради превозот на диво.

Златното време на нашиот шински патен сообраќај заврши во 1990-тите, кога се прекинаа многу редовни линии кон поранешна Југославија.

После три децении започнати се градежни работи предвидени со проектот „Надградба и рехабилитација на железничка станица Скопје според ИПА фондовите".

Во моментов изведени се некаде околу 40% од предвидените работи. Станицата треба да ја добие потребната функционалност: ќе има два ново предвидени лифтови и ескалатор како што предвидел Кензо Танге со цел полесно искачување на пероните.

Ќе бидат поставени електронски екрани и дисплеи исто како и во соседната меѓуградска автобуска станица, стара седум години. Ќе се реновира и билетарницата.

Реновирањето би требало да заврши до крајот на 2014 или на почетокот на 2015 година.

Светлана БЛАЖЕВСКА

 

Поврзани

Најнови вести

Коментари