Германците во паника откако Кинезите влегоа во „Мерцедес“

Германската министерка за економија најави заострување на прописите за странски инвеститори во Германија.

Ова следеше по неочекуваното зголемување на уделот на кинеската компанија „Geely" во капиталот на „Daimler", сопственик на брендот „Mercedes-Benz".

„Треба секогаш да го прилагодиме нашето право во областа на надворешната економија на новиот развој на случувања, вклучувајќи ја и границата од која владата може да разгледува некое преземање на акции", рече социјалдемократката Бригите Циприс во интервју за неделникот „Шпигел".

Според актуелните прописи, Берлин може да разгледува некоја деловна трансакција и да ја спречи ако странскиот инвеститор стекне малцински удел во некоја германска компанија доволен за блокирање одлуки, односно 25% од капиталот.

Министерката укажа дека инвеститорите честопати може да извршат значително влијание на работењето на компанијата, дури и со мал удел. Таа рече дека оваа тема ќе биде на дневен ред на новата влада, особено кога станува збор за стратешки инфраструктури, како секторите за енергетика, сообраќај и интернет.

Кинеската индустриска компанија „Geely" неодамна купи 9,6% од „Daimler" и го надмина кувајтскиот јавен фонд што до тогаш имаше 6,8%. Групацијата во сопственост на кинескиот милијардер Ли Шуфу рече дека нема намера да стекнува поголем капитал во компанијата и дека не барала место во надзорниот одбор на германската компанија.

Поврзани

Најнови вести

Коментари