Преку проект на УСАИД

Фирмите се жалат дека цариниците често работат субјективно и непрофесионално

Се бара регулирање на практикантството, без поврат на ДДВ, укинување на двојното казнување, систематските прегледи да влезат во задолжителното здравствено осигурување...

Законско регулирање на практиканството за лицата со завршено образование, бесплатни систематски прегледи за вработените, брз поврат на ДДВ, намалување на глобите и укинување на двојното казнување, справување со текстилниот отпад, се дел од барањата на микро, малите и средните претпријатија. Во анкета спроведена во декември лани и јануари оваа година во рамки на проект на УСАИД, компании од текстилната индустрија, градежништвото, земјоделството и ИКТ-секторот, детектирале вкупно 60 проблеми, од кои 27 веќе ги разработиле, а за еден веќе има понудено решение преку законски измени кои се во собраниска процедура.

Конкретно, се бара законско решение за практиканство пред склучување на договорот за работа, зашто сега тоа е предвидено само за време на школувањето. Се посочува дека задолжителните систематски прегледи за вработените се големо финансиско оптоварување, па се бара да станат бесплатни, односно да бидат во рамките на здравственото осигурување што го имаат работниците.

Од областа на работните односи се бара интервенција и во делот за регулирање на работното време за оние кои работат од дома, а во областа на даноците, пак, брзо, целосно и безусловно враќање на ДДВ. Од областа на царините и на животната средина се бара итно решавање на проблемот со текстилниот отпад, зашто законската регулатива налага текстилните фабрики кои работат лон да го чуваат додека не се изврши царинска контрола. Во анкетата, но и во другите активности спроведени во рамки на пректот компаните се пожалиле и на односот на цариниците.

- Компаниите немаат толку голем проблем со законите, колку со нивното различно толкување од страна на цариниците. Се жалат и дека царинските работници често постапуваат субјективно и непрофесионално, истакна Павлина Димовска од УСАИД-проектот.

Исто така, се бара и намалување на глобите и особено укинување на повеќекратното казнување за еден прекршок. На пример, ако возачот направи сообраќаен прекршок, за тоа се казнува и тој и правното лице и одговорното во него.

Барањето на компаниите кога ќе платат глоба за неиздавање на фискална сметка да не им се затвора објектот, веќе е преточено во измена на закон која до Собранието ја доставија група пратеници.

(С.Ву.)

Поврзани

Најнови вести

Коментари