ЕУ сака да наметне нов данок за технолошките компании

Новиот данок за технолошки гиганти како што се Фејсбук, Амазон и Гугл би можел на ЕУ да ѝ донесе околу пет милијарди евра годишно во ЕУ, изјави европскиот комесар за даночна политика, Пјер Московици, најавувајќи можен договор по однос на ова прашање до крајот на годината.

Разговорите добро напредуваат, истакна Московици во интервју за Би-би-си, истакнувајќи дека е можно помрднување од мртва точка по однос на тоа прашање кое предизвика контроверзии во целиот свет.

Европскиот комесар предупредува дека доколку Договорот не биде постигнат до 25 декември, данокот нема да биде повторно прифатен на дневен ред пред крајот на следната година.

Toj потсетува дека меѓу доминантните прашања за следната година ќе бидат Брегзит, изборите за Европскиот парламент во мај и назначувањето на новиот европски комесар, така што е тешко да се замисли дека ќе има простор за договор по однос на данокот за технолошките компании.

Изјавата на Московици следува неколку дена откако Фејсбук повторно се соочи со бура од критики поради објавата дека во Велика Британија плаќа данок од 15,8 милиони фунти, со пријавени приходи од дури 1,3 милијарди фунти. По одбитокот поради огромните даночни олеснувања, конечниот данок ќе биде повеќе од преполовен и ќе изнесува 7,4 милиони фунти.

Новата иницијатива на ЕУ, исто така, ќе го зголеми притисокот и врз британскиот министер за финансии, Филип Хамонд, кој претстави свој сопствен предлог за нов данок за технолошките компании.

На Московици во оваа фаза му е потребна согласност од сите земји-членки на ЕУ, вклучувајќи ја и Британија.

Европската комисија годинава објави предлог за данок од 3 отсто за приходите на големите интернет компании чиишто глобални приходи надминуваат 750 милиони евра годишно.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари