Елон Маск: Минатата година беше разочарувачка, но најлошото допрва доаѓа

Еден од најпознатите луѓе на денешницата, Елон Маск, во емотивно интервју со New York Times изјави дека минатата година била најтешка досега во неговиот живот. Тој вели дека стресот кој му го предизвикува работата ја влошил неговата здравствена состојба.

Маск открива дека проблемите кои ги имаше компанијата Tesla го натерале да го помине неговиот роденден во фабриката за автомобили, а за малку ќе ја пропуштел и свадбата на брат му поради истата причина.

„Минатата година беше најтешката во мојот живот и најболната година во мојата кариера", вели Маск.

Tesla забележа рекордна загуба од 709 милиони во првиот квартал од оваа година додека се мачеше да произведе доволен број на возила Model 3, а Елон Маск вели дека во тој период работел и до 120 часа неделно и како резултат на тоа здравјето му се влошило а неговите пријатели биле загрижени за него. Тој вели дека неколкупати му се случувало воопшто да не ја напушти компанијата три или четири дена по ред.

Маск предизвика лавина од реакции кога реши на Twitter да објави дека ја приватизира компанијата и дека успеал да обезбеди средства за истото. Неговите адвокати велат дека тој веројатно го прекршил законот со објавата на ваквиот твит бидејќи законот му забранува на било кој раководител јавно да објавува намера за купопродажба ако истата нема намера да ја исполни, или пак пробува да манипулира со цената на берзата.

„Мислев дека најлошото помина. Но од лична гледна точка, за мене најлошото допрво доаѓа", изјави Маск.

Во последните неколку месеци тој се наоѓа на мета на критиките од страна на медиумите, аналитичарите и корисниците на социјални мрежи, кои го обвинуваат за несовесно однесување на Twitter.

Поврзани

Најнови вести

Коментари