ЕЛЕМ - Мицкоски предупреди на нов криминал (ВИДЕО)

На повидок уште еден скандал во низата кои го тресат ЕЛЕМ изминативе денови. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во гостувањето во Алфа Телевизија обвини дека раководството во РЕК Битола ангажирало фирма по многу повисока цена од онаа што ЕЛЕМ ја плаќала во минатото, односно наместо 120 денари за час сега ќе се плаќа 70денариповеќе.

 

 

 

Тој вели дека ЕЛЕМ решила да го поништи постојниот тендер, за да склучи договор во 4 очи со компанија што треба да изврши технолошко чистење во РЕК Битола. Мицкоски појаснува дека се работи за активности што не се дел од постојаната работа, во минатото не се вработувале работници за ова, туку се ангажирала помошна работна рака.

"Тоа е тендер, се поништува постојниот тендер, се ангажира компанија која што никогаш порано не работела во РЕК Битола. Лицето сопственик е близок пријател со одредени раководни лица во РЕК Битола и цената по која што се ангажира таа компанија е 197 денари за час, а на работниците им се исплаќаат нешто повеќе од 90 денари. Разликата е околу 100 денари кои што влагаат директно во џеповите на таа компанија", вели Мицкоски.

Мицковски ги повика институциите соодветно да регираат. Смета дека сега е моментот, Основното јавно обвинителство, Финансиската полиција и другите институции да ја проверат информацијата од јавен свиркач, и да го откријат и санкционираат криминалот.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ реагираат дека раководството на РЕК Битола, склучило договор во висина од околу 350 илјади евра за ангажирање на работници со договор во четири очи со фирмата СВ – Инвест, која според информациите со која тие располагале е во сопственост на близок пријател на директорот на РЕК Битола.

"Паралелно на оваа постапка во четири очи се одвивала и тендерската постапка за истата работа за која е објавен јавниот повик, но истата поради како што е наведено битна повреда во тендерската документација АД ЕЛЕМ ја поништило на 16.3.2018 година, 14 дена по склучувањето на договорот во четири очи, за слободно да може да се ангажираат лица преку СВ – Инвест" , истакна денеска генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев.

Од ЕЛЕМ се правдаат дека тендерот за избор на фирма за технолошко чистење во РЕК Битола бил поништен на 6-ти март годинава откако бил утврден пропуст во тендерската документација, т.е. во предметот на набавката. Затоа решиле во скратена постапка да повикаат пет фирми да достават понуди и ја одбрале СВ - Инвест бидејќи понудила најниска цена.

Сумата која се исплаќа на оваа фирма за технолошко чистење во рудниците изнесува 193 денари по работен час, во што спаѓаат нето дневница и сите други издатоци-придонеси, превоз, исхрана, лични заштитни средства и надоместок за фирмата, велат од ЕЛЕМ.

Ова е само уште еден скандал поврзан со ЕЛЕМ. Последниот беше кога државниот производител на струја по раскинувањето на договорот за ископ на јаглен, наместо да ја избере второрангираната Пелистер од Битола по цена од 45 денари за гига џул, на итен тендер веднаш потоа ја избра истата компанија , но по многу повисока цена од 87.8 денари за гига џул јаглен. Пелистер и сега е главен кандидат за избор на редовниот тендер за ископ на јаглен. Понудите на апликантите ќе се отвораат на 7 мај.

Поврзани

Најнови вести

Коментари