НОВ ЕКОНОМСКИ СОВЕТНИК

Експертот Исак Адижес ќе ги менаџира реформите

Премиерот Никола Груевски вчера му врачи македонско државјанство на Исак Адижес, еден од водечките светски економски експерти. Во образложението на Владата се вели дека познатиот менаџерски експерт за организациски работи и промени, државјанството го стекнал како резултат на особениот економски интерес кој го има земјава од неговиот ангажман. Премиерот Груевски и Адижес ги договарале можните начини на соработка преку кои тој ќе може да го пренесе своето знаење и искуство за спроведување на реформите во економијата, соопштуваат од Владата. Се разгледувала можноста Адижес да се вклучи и да даде придонес во спроведувањето на проектите за отворање на слободни економски зони, даночните реформи, изградбата на нови училишта и нивна компјутеризација. Исак Адижес е директор на американскиот институт "Адижес" - специјализиран за управување со конфликти и промени. Докторирал на Универзитетот "Колумбија", а предава на повеќе познати светски универзитети. Тој работел со најголемите светски корпорации, а бил советник и на многу светски политички и бизнис лидери, во Израел, Шведска, Грција, Бразил, Ирска и Мексико. Бизнис магазините во САД го рангирале на 29-то место на листата на достигнувања на стоте врвни советници во 2005 година, информираат од Владата. (А.Се)

Поврзани

Најнови вести

Коментари