Во подем езерскиот туризам во Македонија

Дојран подготви нови плажи, а по Преспанското Езеро туристите ќе се возат со нов брод!

За прифаќање на гости во Стар Дојран подготвени се Градската плажа и плажата во нова населба Карач, а со новиот брод-катамаран ќе се овозможи возење по Преспанското Езеро и посета на туристите на единствениот остров во Македонија, Голем Град

По успешната и бериќетна ланска туристичка сезона, Дојран доживеа езерска ренесанса. Задоволни се и мештаните, и туристичките работници и локалната власт, која многу вложи во уредувањето на плажите. Според нив, како да се вратија старите добри осумдесетти и деведесетти години кога крајбрежјето беше полно со гости.

Љубица Камчева од Туристичкото биро лоцирано во Стар Дојран вели дека на туристите годинава им се нудат околу 6.000 легла во 250 објекти од приватното сметување и осум хотели од кои 6 во Стар Дојран и два во Нов Дојран.

- Годинава во приватното сместување леглото ќе чини од 250 до 300 денари, а во студијата и апартманите од 1.200 до 1.500 денари. За прифаќање на гости подготвени се Градската плажа и плажата во нова населба Карач. Заради надојдените води годинава под вода се три дојрански плажи кои лани беа полни со туристи - појаснува Камчева.

Таа информира дека може да се користи и базенот лоциран на градската плажа каде не се наплатува влезница, односно се порачува кафе и пијалак, а може и да се руча.
Деновиве градоначалникот на Дојран, Борче Стамов најави нови инвестиции во туризмот. Според него, нови хотелски комплекси ќе се градат на дојранското крајбрежје, за што сериозно се заинтересирани два домашни бренда од областа на угостителството.

- Локациите веќе се купени, а градбата на новите модерни хотели треба да започне наесен - информираше Стамов.

Според најавите, новите хотелски комплекси, покрај сместувачките капацитети, ќе понудат и голем број новини кои му недостасуваат на Дојран. Во едниот од нив планирана е изградба и на спа-центар, содржина која досега ја немаше во овој македонски туристички центар.
И преспанскиот регион забрзано се подготвува за новата туристичка сезона. Во Претор се чистат вилите кои треба да ги подготват за новите летувалци. Најголем дел од лицата што издаваат соби планираат и годинава да ги понудат по лански цени од 250 до 350 денари за кревет.

Како што не информираат од општина Ресен, во туристичката населба Стење се гради нова модерна плажа која до почетокот на јули месец треба да е ставена во употреба.
Според Науме Ташовски од општина Ресен се работи за одбрано идејно решение од страна на граѓаните на РМ при што Министерството за транспорт и врски изградбата на плажата ја започна во месец февруари годинава.

- Плажата е во должина од 500 метри во ултрамодерен стил и со голем број на содржини од спортски игралишта, шанкови, платформи во вода и слично. Плажите се уредуваат и во Отешево пред хотелот Лејк Вју како и се збогатува понудата со набавка на брод-катамаран кој ќе овозможи посета на туристите на единствениот остров во Република Македонија, Голем Град - вели Ташовски

Нови содржини на плажите ќе се воведат во Претор и во Крани каде со автокампот раководи инвеститор од Битола и истиот вложува во плажата, ресторантскиот простор и сместувачките капацитети поврзани со бунгаловите. Активности за уредување на плажите има и во Долно Дупени.

Од општината потсетуваат дека во функција на туризмот се и капацитетите на двата национални паркови Галичица и Пелистер кои посебно се поврзани со природното наследство во овој регион и се атрактивни за странските посетители и домашните љубители на природата.

Манастирскиот туризам се повеќе се профилира во општина Ресен. Уреден е просторот пред црквата "Св. Ѓорѓи# во с. Курбиново која е споменик на културата и датира од 12 век. Во моментов во иградба е пат кон манастирот "Св. Илија# во с. Грнчари која датира од 15 век. Црквата "Св. Петар и Павле# во Подмочани и Преспанскиот крст се поврзани од пред неколку месеци со нов модерен асфалтиран пат.

- Сопствениците на малите сместувачки капацитети пак исто така вложуваат во своите капацитети и истите паралелно добиваат категоризиран објект од страна на општинската комисија - вели Ташовски и додава дека за годинава Општина Ресен изработила туристички водич за Преспа.
Тој најави дека во моментот се изработува урбанистички планови за повеќе туристички места и населби по што се очекува истите да придонесат кон забрзан развој и нови инвестиции во туризмот во Преспа.

(В.Ма.)

Поврзани

Најнови вести

Коментари