logo
logo
logo

Бјорн Габриел, Претставник на ЕИБ за Северна Македонија:

Дигиталната и зелената трансформација на малите и средните претпријатија не треба да се одложува

Vecer | 17.05.2023

Дигиталната и зелената трансформација на малите и средните претпријатија не треба да се одложува

Среде тековната криза, компаниите од Западен Балкан и понатаму се ограничени во поглед на кредитирањето, најмногу поради неповолните каматни стапки (60 %), според најновата анкета за претпријатијата на Европската инвестициска банка (ЕИБ). Тие најмногу се потпираат на внатрешните финансии, а само 20 % од инвестициите на фирмите се финансирани од банките.

Со постојаното зголемување на неизвесноста, високите трошоци за енергија, ограничениот пристап до финансии и недостатокот на соодветни вештини и понатаму се некои од клучните препреки за нови инвестиции. На ова комплицирано опкружување се надоврза неодамнешното заострување на условите за кредитирање, па фирмите денес покажуваат поголема неподготвеност да се впуштат во нови проекти и инвестиции. Тоа пак влијае на нивната конкурентност. Како што предвидува ММФ, прогнозата останува многу неизвесна, а промените во финансиските услови се сметаат за најмоќниот нарушувач на растот во иднина.

Од друга страна, компаниите треба да инвестираат во повеќе зелени и дигитални профили доколку имаат намера да останат релевантни на пазарот. Како да се најде рамнотежа помеѓу пазарните очекувања и економското опкружување каде што неизвесноста стана главната одредница?

Недостигот на продуктивно инвестирање го кочи растот

Фирмите низ Европа се борат со слични предизвици, како што покажува Инвестицискиот извештај на ЕИБ. Иако инвестициите брзо закрепнаа во 2021 г. и 2022 г., враќајќи се на нивоата од пред пандемијата, овој успех ја прикрива постојаната слабост во продуктивното инвестирање. Трошењето за иновации се намали минатата година, а бизнисите за тоа ја обвинуваат несигурноста, недостигот на вештини и високите трошоци за енергија. Релативно ниските нивоа на инвестирање во иновации, машини и опрема може да ја загрозат способноста на Европа да се натпреварува на долг рок. Инвестициите за ограничување на климатските промени се зголемуваат, но сè уште се далеку под она што е потребно за да се постигнат целите за нето-нула емисии до 2050 г.

За да остане конкурентна, Европа ќе треба да ја зацврсти својата позиција, да го зголеми инвестициското трошење и да го прошири своето учество во посовремени иновации, како што се водородните технологии, според она што е наведено во извештајот на ЕИБ. И покрај пречките, треба да се обезбеди пристап до достапни финансии за насочени, зелени, инклузивни и дигитални инвестиции. Финансиската поддршка треба да биде придружена од регулаторна рамка во однос на проектите за климатска акција, недостатокот на достапни вештини (како што е планирањето на животната средина и инженерската стручност) и административните тешкотии.

Иновативно финансирање за малите бизниси

Како Банка на ЕУ, ЕИБ Глобално и понатаму има значајна улога во поддршката на МСП во целиот регион, придонесувајќи за нивниот раст, иновации и вработување. Од 2009 г., банката одобри 635 милиони евра за малите и средни претпријатија и средно големите компании на Северна Македонија под поволни услови, притоа одржувајќи речиси 100.000 работни места. Во текот на 2019 – 2022 г., обезбедени се околу 163 милиони евра за 520 проекти на мали и средни претпријатија и средно големите компании, кои поддржаа околу 37.000 работни места, од кои околу 1.300 се новосоздадени.

Средствата се ставени на располагање на локалните комерцијални банки преку Развојната банка на Северна Македонија (РБСМ), која истовремено е партнер на ЕИБ Глобално за испорака на нова кредитна линија посветена на зелената транзиција и декарбонизација на малите и средните претпријатија. Таа има за цел да им обезбеди на малите и средните претпријатија, средно големите компании и на другите субјекти во земјата достапна, долгорочна поддршка за ликвидност за да ги задоволат нивните потреби за обртни средства и инвестиции. Најмалку 30 % од кредитната линија на ЕИБ ќе биде наменета за климатска акција и инвестиции за одржливост на животната средина за да им се помогне на локалните бизниси да ги исполнат нивните зелени амбиции и да ја зголемат енергетската ефикасност на нивното работење.

РБСМ и локалните банки ќе добијат техничка помош при спроведувањето на оваа кредитна линија. Оваа следна кредитна линија од 100 милиони евра за македонските компании, како и придружната програма за техничка помош се подготвени за имплементација, откако ќе бидат одобрени од Собранието.

Се подготвуваат нови финансиски можности за споделување на ризикот

За да се справиме со тековните предизвици што ја попречуваат трансформацијата на приватниот сектор, применуваме и други иновативни финансиски инструменти, како што е заемот за поттикнување на влијанието. Овој иновативен тип финансирање ги охрабрува компаниите трајно да вработуваат жени, млади лица и луѓе од други ранливи групи и да им овозможат професионален развој. Врз основа на постигнатите резултати, тие се наградуваат со финансиски стимулации.

Понатаму, банката развива нови инструменти за гаранција и споделување на ризикот за приватниот сектор во соработка со Европската комисија. Според новиот Европски фонд за одржлив развој плус („ЕФОР+“), овие инструменти ќе создадат можности за приватниот сектор и ќе им помогнат на компаниите да се справат со своите финансиски ограничувања и да се прошират, истовремено исполнувајќи ги целите за енергетска ефикасност и дигитализација. Истовремено, обезбедуваме стручност за подготовка на проекти за обновливи извори на енергија во партнерство со јавниот и приватниот сектор.

Преку својот посебен огранок ЕИБ Глобално формиран во 2022 г., како и отворањето на претставништво во Северна Македонија, Банката на ЕУ веќе ја зголемува својата финансиска и советодавна поддршка за зајакнување на зелената, дигиталната и правичната транзиција на малите и средни бизниси.

 

 

 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk