ОД 1 ЈАНУАРИ 2008

Данокот на добивка и персоналецот паднаа на 10 проценти

Според рамниот данок кој Владата го воведе лани и ги намали даноците на 12 отсто, од овој месец тие се намалуваат на 10 отсто

Даноците и натаму паѓаат. Од 1 јануари годинава данокот на добивка и персоналниот данок на доход се намалуваат на 10 проценти. Лани во јануари Владата го воведе рамниот данок, со кој персоналниот данок на добивка, кој претходно изнесуваше 15, 18 и 24 проценти и данокот на добивка од 15 проценти беше намален на една единствена стапка од 12 отсто. И покрај намалувањето на даноците, и скептицизмот на опозицијата и одделни експерти дека тоа негативно ќе влијае врз приходите во буџетот, остварените бројки во 2007 година говорат дека е постигната рекордна наплата на даночните приходи по сите основи, во историјата на Македонија.

Заклучно со ноември 2007, споредено со истиот месец од 2006 година кај персоналниот данок на доход остварена е наплата од 104,71 отсто, кај данокот на добивка се остварени 125,83 отсто, кај данокот на додадена вредност 128,91 отсто. Сума-сумаре заклучно со ноември 2007 година се прибрани 21 отсто повеќе даночни приходи споредено со истиот период од минатата година. Приходите од данокот на додадена вредност, според официјалните податоци, исто така се поголеми од 2006 година за 29 отсто. Управата за јавни приходи во периодот јануари - ноември лани по основ на ДДВ има наплатено 6,7 отсто повеќе од планираното, а за 29 отсто повеќе од истиот период лани.

На барање на македонските фирми и даночни обврзници, Управата има реализирано зголемен поврат на ДДВ. Тој е реализиран навреме и е поголем за 27 отсто во споредба со 2006 година. Инаку, приходите од ДДВ учествуваат со 55 проценти во вкупните национални даночни приходи.

Според надлежните, висока наплата на даноците се должи пред се на засилените капацитети на институциите и активностите на Управата за јавни приходи што придонесе за поголема даночна дисциплина кај граѓаните и фирмите.

Весна М. БОЖИНОВСКА

Поврзани

Најнови вести

Коментари